Мега трансфер: Јане Цветковски се сели во Бундес лигата!?

jane-16-helsingborg-vs-varberg-600

Македонскиот голман Јане Цветковски очигледно ја задржува успешната нагорна линија во градењето на интернационалната кариера, бидејќи според шпекулациите во германските медиуми се одлучил да ја прифати понудата и по Словачка, Босна и Херцеговина и Шведска, да се префрли во Германија!

Бундес лигата е сон на секој ракометар што мечтае да заигра во најсилното државно првенство, па се претпоставува дека овој „магнет“ го привлекол и Цветковски кој според претходните пишувања беше во тесни преговири со шампионот на Исланд, ИБВ Вестманејар, како и шведскиот клуб Рикох (сега ребрендиран во АИК Стокхолм). Интересот од германските клубови бил првично демонстриран од Лудвигсхафен, но според најновите шпекулации кои се засноваат на извори од менаџерските кругови, Цветковски ќе потпише за Вецлар, каде што за место во тимот ќе се бори со Тил Климке и Тибор Иванишевиќ.

Цветковски помина две сезони во Шведска, при што последниот ангажман во Иштад одби да го продолжи бидејќи не беше задоволен од минутажата во тимот, што беше нотирано и во шведските медиуми како голема амбициозност на македонскиот „викинг“. „Дерби“ претходно пишуваше дека локалните шведските медиуми бараа тој да се врати во Хелсингборг.

Со ова Цветковски ќе стане третиот Македонец во ова првенство заедно со Филип Миркуловски и Филип Талески, иако таму претходно играа и Дејан Манасков, Ацо Јоноски и Борко Ристовски. За разлика од сите, Цветковски се уште нема настап во државниот дрес, иако во неколку наврати се најде на списокот на Раул Гонзалес и беше повикан на подготовки со националниот тим.

Facebook Коментари