Поврзете се со нас

Лига на шампиони

Мбапе и Салах не реализираа пенали, разиграниот Ливерпул го преслуша и Реал (Видео)

Објавено

на

Foto:x.com/LFC

Арне Слот без никаков сомнеж има старт од соништата како менаџер на Ливерпул, заклучот кој станува уште поцврст по одличното издание и убедливата игра против Реал Мадрид.

„Кралевите“ пристигнаа со доста проблеми на гостувањето на „Енфилд Роуд“, но сепак тоа не треба да го намали успехот кој го остварува овој тим на холандскиот стручњак, кој до оваа фаза на сезоната изгледа безгрешно.

Ливерпул беше подобар тим во текот на целиот меч и заслужено придодаде нови три бода во Лигата на шампионите, па како лидер на табелата ќе го стартува и шестото коло.

„Црвените“ влегоа поагресивно и уште на почетокот го тестираа Тибо Куртоа, а интервенцијата на Асенсио на гол линијата беше само најава за агресивната игра на Ливерпул.

Само добрите реакции на белгискиот чувар на мрежата го оставија Реал во игра во првото полувреме, но ниту Тибо не можеше да направи ништо повеќе по лукавиот удар на МекАлистер, по кој Ливерпул дојде до предност во 52-та минута.

Теренската иницијатива конечно вроди со плод и Ливерпул поведе на семафорот, а ова беше сигнал за будење и за гостите кои беа навистина тивки дотогаш. Карло Анчелоти реагираше и во игра ги стави Васкез и Себалјос, а овој првиот се избори за пенал при еден од првите допири со топката.

Лукас го искористи невнимателниот старт на Робертсон за да падне на земја, а невидливиот Килијан Мбапе доби шанса да донесе израмнување за гостите од Мадрид. Иако ја зема топката со голема самодоверба, Келехер го прочита Французинот и му го одбрани ударот од 11 метри, епилог кој донесе ерупција на трибините.

Уште поголема беше радоста кога Салах се избори за пенал во 70-та минута, но Египќанецот биеше уште полошо од Мбапе и го промаши цел гол. Со резултат 1:0 се влезе во последните 20 минути, но и во овој период Ливерпул беше подобар ривал и со голот на Гакпо за 2:0 стави точка на прашањето околу победникот.

Со пет победи на пет меча, Ливерпул е сигурен лидер во Лигата на шампиони, додека Реал со само шест бода е на 24-то место, последното кое носи место во баражот.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни