Маркез покажа две лица на квалификациите во Валенсија, Довициозо ќе мора да направи чудо на утрешната трка (Видео)

markez-dovi

Марк Маркез како и многупати во саботните квалификации покажа две лица на патеката, бидејќи пред утрешната клучна трка во Валенсија успеа да извози перфектен круг, но исто така да го забележи и 27-от пад во сезоната по кој покажа значителни знаци на нервоза.

Шпанскиот возач најпрво постави недостижно време за ривалите и уште еднаш демонстрираше дека е речиси непобедлив во еден круг, но пред самиот финиш на сесијата доживеа пад по кој тргна да ја шутира гумата која очигледно не беше доволно загреана. Како и да е, Маркез утре ќе ја има привилегијата да стартува прв на клучната трка во борбата за титулата, а големо олеснување за него е и тоа што главниот конкурент Андреа Довициозо се избори само за деветто место во поредокот.

Најблиску до Маркез беа Зарко и Јаноне кои ќе му прават друштво во првиот стартен ред, а покрај овие тројца, пред Довициозо на утрешниот старт во Валенсија ќе бидат уште Лоренцо, Педроса, Пиро, Роси и Еспаргаро.

Возачот на Хонда има 21 бод предност во однос на Довициозо во пресрет на утрешната трка, а тоа значи дека треба да заврши во првите 11 за да ја освои титулата и во ситуација Италијанецот да направи пресврт за време на утрешната трка и да дојде до првото место.

Facebook Коментари