„Марка“ информира: Познат е новиот клуб на Штербик!

sterbik

Македонскиот ракоментен првак Вардар оваа година ги доживеа најубавите моменти во својата историја откако успеа да стане европски шампион победувајќи го ПСЖ во големото финале, но покрај позитивните влијанија од овој огромен успех, пристигнаа и проблеми за нашиот тим со оглед на тоа што сите очи на јавноста и големите ракометни гиганти сега се вперени кон играчите кои беа вклучени во историскиот поход.

Алекс Душебаев веќе си замина во Кјелце, истиот чекор го презема и Циндриќ кој од наредната сезона ќе биде член на полскиот клуб, додека Раул Гонзалес минатата недела потврди дека има постигнато договор со ПСЖ за преземање на функцијата тренер на овој тим по крајот на актуелната сезона. Сето ова беше надополнето со најавата од „Марка“ за заминување на Хорхе Македа во Германија, а сега истиот овој медиум уверува дека поранешниот шпански репрезентативец Арпад Штербик има донесено одлука во кој клуб ќе ја продолжи кариерата.

Договорот на Арпад со Вардар истекува на почетокот на наредното лето, а тоа значи дека е слободен да преговара со било кој клуб кој најверојатно ќе биде и последен во неговата кариера со оглед на тоа што за десетина дена ќе наполни 38 години. Угледниот шпански весник тврди дека нов клуб на Штербик ќе биде унгарски Веспрем, а оваа информација ја добил од близок пријател на Арпад кој ги потврдил ваквите новости.

– Нормално ќе биде да се реализира трансферот, веќе се знае прилично се и договорот е приближно 100 процентно постигнат меѓу двете страни. Во овој момент непознато е тоа само колку години ќе изнесува договорот, – вели близок пријател на Штербик во изјавата за „Марка“, медиум кој ексклузивно пренесува дека Штербик по крајот на оваа сезона ќе се врати во тимот каде всушност ја стекна светската слава во периодот од 2001 до 2004 година.

Facebook Коментари