Маленко: Да се имплементира Законот за спорт во случајот во ПФМ!

io za promeni vo pfm

Легендата на македонското пливање, поранешниот европски младински шампион Александар Маленко, денеска ја предводеше прес конференцијата на Иницијативниот одбор за промени на состојбата и структурите во Пливачката федерација на Македонија.

Како што претходно „Дерби“ објави, Маленко е потписник на барањето до Агенцијата за млади и спорт во кое наведува дека ПФМ не е активна, дека нема одржано редовни собранија, ниту има поднесено финансиски извештаи за работењето. Тој на прес конференцијата појасни дека сакал да ги заштити останатите активни пливачи и тренери, па заради тоа во лично име ја поднел иницијативата, за која што денес обелодени дека има поддршка од мнозинството клубови, тренери, пливачи и спортски работници.

– Нема повеќе простор за никакви сценарија! Агенцијата за млади и спорт е најповикана да направи сондажа во работењето на досегашната Пливачка федерација и нејзиното работење. Денеска бевме примени од директорот Каевски и добивме ветување дека во рамките на неговите законски надлежности ќе поведе иницијатива за средување на проблемите во пливачкиот спорт. Правдата и вистината е на наша страна. А ние сме на старана на пливањето, и бараме Законот за спорт да се имплементира во целост. Актуелната ПФМ нема своја канцеларија или адреса, не претставува дом на пливачите,- рече Маленко во своето обраќање.

Сите присутни на прес конференцијата додадоа по некој пример од нивниот делокруг на работење во кој се фрла сомнеж за досегашната раководна структура на ПФМ, посочувајќи дека е на штета на пливачите и на штета на спортот, а во одредени случаи потенцираат дека има сомнежи и за финансиски малверзации.

Тренерот Марјан Соколовски, кој исто така го поддржа Иницијативниот одбор изјави дека освен што е девалвирана работата на тренерите и пливачите, дополнително меѓународниот углед на Македонија во светот на пливањето е соборен на најниски гранки, при што државата се јавува само како организатор на „Охридски маратон“ кој секоја година е организиран на ниско ниво, а по Балканијатада во 1997 година не сме аплицирале за одржување на друга пливачка манифестација кај нас.

Од страна на овој ИО се очекува во предвидените рокови АМС да ја информира јавноста за натамошните чекори и да овозможи услови за натамошно функционирање на Пливачката федерација во интерес на развојот на спортот и граѓаните на Македонија.

Facebook Коментари