Маленко бара мораториум и владин повереник во Пливачката федерација на Македонија!

aleksandar malenko

Легендата на македонското пливање, Александар Маленко, беше исклучително активен ова лето со организација на „олимпискиот маратон“ на 10 километри во Охрид, како и со залагањата за спас на традиционалниот 30-километарски маратон, чија што организација беше неизвесна на две седмици пред одржувањето.

Како што самиот тој најави, следно со што ќе се зафати е расчистување на состојбите во Пливачката федерација, која според негови информации нема валидна егзистенција и не одржува редовни собранија со години. Тој испратил писмо до Агенцијата за спорт и млади на Р.М. во кое бара наместо клубовите да организираат Вонредно собрание, овој државен орган да реагира по службена должност и да воведе мораториум на работењето на ПФМ, по што би можело да направи длабинска анализа и контрола на документите во федерацијата.

– Ние не знаеме што може да затекнеме, ниту пак како да реагираме во дадена ситуација. Тука е потребна стручност и државата мора да се вклучи со сите свои надлежни тела и инспекции, за да ја расчисти ситуацијата во ПФМ,- изјави Александар Маленко за „Дерби“. – Пливачката федерација треба да биде дом на сите што работат во пливањето, а не како до сега да нема ниту канцеларија, ниту адреса. Мора да се има непречено функционирање во рамки на календарите и спроведувањето на програмите за работа, сертификација на тренерите и клубовите, воведување стимулативни мерки за државните репрезентативци и уште многу други нешта битни за натамошен развој на пливањето,- додава Маленко.

Клубовите кои даваат поддршка кон ова барање за промени во ПФМ ќе бидат примени во Агенцијата за млади и спорт в понеделник, а потоа е закажана прес конференција.

baranje malenko

Facebook Коментари