Макептрол очекувал пониски цени за половина денар кај сите деривати

benziska pumpa makpetrol

Компанијата „Макпетрол“ АД, се огласи со сопствен став откако Регулаторната комисија претходно соопшти дека веќе ја усвои новата методологија за пресметка на цените на нафтата и нафтените деривати и почнувајќи од денеска секој понеделник според неа ќе ги одредува максималните малопродажни цени на горивата во земјава.

Во новата методологија РКЕ ја зголеми малопродажната маржа од сегашните 3,2 на 4,6 денари по литар иако трговците бараа таа да изнесува од 6,2 до 6,5 денари за литар. Покрај тоа, трошокот за транспорт во државата е пресметан на 0,75 денари за литар. Со донесувањето на новата методологија престанува времената либерализација на пазарот на горивата во земјава што траеше две недели поради не потпишувањето на измените на Законот за енергетика од поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов кои беа неопходни за да се донесе подзаконскиот акт за одредување на новата методологија.

– Согласно нашите пресметки, за наредната недела очекувавме цени пониски за 0,5 денари по литар кај сите деривати, од објавените во Одлуката од страна на Регулаторната комисија на Република Северна Македонија. Веднаш ја уочивме разликата, која не произлегува од движењето на цените на нафтените деривати на светските берзи во изминатиов период, туку во основа разликите произлегуваат од механизмот на заокружување со малопродажните цени на нафтените деривати, во новата одлука и правилникот на РКЕ. Да појасниме, во услови кога слободно беа формирани цените, ова заокружување како во позитивна така и во негативна насока се случуваше кај трговската маржа. Но во случај кога повторно РКЕ ја формира и одредува цената на нафтените деривати заокружувањето повторно се пресметува, додава кај акцизата но само во позитивен правец,- се вели во соопштението доставено до медиумите.

Во истиот допис, „Макпетрол“ АД постаува и прашање за откажување на дополнителните зафаќања кај акцизата.

– Се поставува прашањето кој стравуваше од механизмот на слободно формирање на цени? Кој и зошто ја наметнуваше тезата во јавноста дека цените во услови на слободно формирање ќе дивеат? Нам како трговци, одговорот ни е јасен. Во овој случај ,очигледно РКЕ по налог или во соработка со Министерството за финансии, не сака да се откаже од дополнителни зафаќања кај акцизата, за сметка и во корист на потрошувачите и компаниите во земјава,- се наведува во дописот.

Facebook Коментари