Поврзете се со нас

Шах

Македонските шаховски шампиони и нивните рекорди!

Објавено

на

Затвореното државно првенство во шах е најмеродавниот начин за определување на шампион во древната игра, а оваа пракса беше возобновена од Шаховската федерација на Македонија во 2019 година.

Поради блокираната сметка на федерацијата како и недостаток на финансиски средства по 2011 година седум години не се одржуваше државното првенство во шах, па шахистите неофицијално се бореа за насловот „шампион“ како најдобро пласирани на турнирот Опен Македонија.

Првото државно првенство во шах во Македонија се одиграло во 1946 година, при што како прв шампион е забележан професорот Павле Бидев, кој е и прв македонски играч со титулата мајстор. Тој уште во два наврати ќе ја освои титулата, но куриозитет е што ќе биде во дуел со 19-годишниот Благоја Сотировски кој од 1951 година се додава на шампионската листа, а бил ученик на професорот Бидев во гимназијата „Цветан Димов“. Исто како и неговиот професот, Сотировски три пати ќе стигне до шампионскиот наслов на републичките првенства во Македонија како дел од поранешна СФРЈ. Во тие времиња освен нив, до титулата стигнал уште Георги Пољаков, Тодор Кукински, Драгољуб Јаношевиќ и Киро Данов.

Од 1956 година започнува ерата на Јован Софревски, шахист чиј рекорд со освоени 16 шампионски титули трае и денеска, но токму во таа година (и само тогаш) го дели првото место со Павле Бидев (негова четврта титула). Во почетоците негови најсилни конкуренти се Евгение Мартиновски (шампион во 1957 година), Борис Илиевски (1964) и Васил Панов (1965). Од 1966 година започнува подемот на Ристо Ничевски кој ќе стигне до титулата Интернационален мајстеор и ќе остави трага во македонскиот шах како ТВ-коментатор и шаховски аналитичар.

Ничевски ќе освои пет титули и нивниот дуел на шаховската сцена во Македонија ќе доминира се до 1973 година, кога шампион станува Ристо Кизов, а во 1974 година меѓу великаните се додава и Ванчо Георгиевски.

Душан Давчевски е шахист кој ќе успеа по подолго време да стане првиот кој освоил две шампионски титули (1977, 1982), додека Стевчо Ѓеорѓиевски (1978) и Панче Захариев (1984) се следните кои успеваат да се наметнат додека трае доминацијата на Софревски и Ничевски.

Новата генерација на македонски шахисти кои го преземаат приматот доаѓа со појавата на ИМ Никола Димовски (шампион во 1985 и 1991 година) и ВМ Влатко Богдановски. Токму Богдановски ќе се етаблира како играч со најмногу титули по Софревски, освојувашји седум наслови, од кои три во републичките првенства во СФРЈ (1986, 1987 и 1989), потоа уште три пати на Затвореното првенство на Македонија (1993, 1995 и 2009), како и еднаш на Отвореното првенство во 2013 година (во период кога не се организирало Затворено првенство).

Со титулата во 1990 година ИМ Јован Софревски кон својот рекорден број титули додава уште еден детал, односно владеење од 34 години на македонската шаховска сцена (прва титула во 1956 година). ВМ Влатко Богдановски е најблиску со своите титули до сличен успех бидејќи има 27-годишно владењње од 1986 до 2013 година, а како активен шахист се уште може да се надева и да го собори рекордот на Софревски.

На преодот од републичко првенство во СФРЈ кон државен шампионат на Македонија во шаховската елита се вклучува и ВМ Роландо Кутиров (1988, 1994), додека првите шампиони кои се наметнаа по осамостојувањето на Македонија се Звонко Станојоски (1992, 2003, 2005, 2006, 2015), Драгољуб Јаќимовиќ (1996, 1998) и Трајко Недев (1997, 2000, 2011). Интересно, првиот македонски велемајстор, Никола Митков, само еднаш триумфирал на нашето првенство во 2002 година, а пред него во тоа успеале уште ИМ Тони Кироски (1999) и Ванчо Стаменков (2001).

Во новиот милениум на вечната листа се запишува и Никола Васовски (2004), Владимир Георгиев (2007) и Ристе Менкиноски (2008). Од 2010 започнува ерата на ИМ Филип Панчевски, денеска предводник на младата генерација македонски шахисти, кој на таа една титула од Затвореното првенство има додадено уште четири од Отворените првенства. Во 2017 година, кон него се придодава ИМ Никола Николовски, а со враќањето на Затвореното првенство во 2019 година, го бележиме и првиот триумф на Кирил Георгиев кој повторно почнува да настапува под македонско знаме.

Повеќе од јасно е дека на македонскиот шах му се потребни државните првенства за сениори од повеќе аспекти: оние кои професионално се занимаваат со шахот речиси и немаат многу други извори на егзистенција, а истовремено младите шахисти да можат во респектабилни турнири со присуство на повозрасните велемајстори да стигнат до норми кои би значеле нивен напредок во шаховската хиерархија. За 2020 година Затвореното државно првенство беше предвидено за мај, но со почетокот на пандемијата беше одложено за подоцна. Согласно препораките на ЕКУ, токму турнирите со мал број учесници треба да бидат меѓу првите со кои ќе се реактивираат шаховските активности, па оттука по укинувањето на забраната за играње на спортски натпревари од страна на Владата, во Македонија конечно се вратија условите за да се организира Затвореното државно првенство. На потег е Шаховската федерација на Македонија!

 

Прваци во шах на Македонија во СФРЈ

Шаховски прваци на Македонија


1946 Павле Бидев

1947 Павле Бидев

1948 Георги Пољаков

1949 1.турнир:Георги Пољаков

1949 2.турнир:Тодор Кукински

1950 Драгољуб Јаношевиќ

1951 Благоја Сотировски

1952 Павле Бидев

1953 Благоја Сотировски

1954 Благоја Сотировски

1955 Киро Данов

1956 Јован Софревски и Павле Бидев

1957 Евгение Мартиновски

1958 Јован Софревски

1959 Јован Софревски

1960 Јован Софревски

1961 Јован Софревски

1962 Јован Софревски

1963 Јован Софревски

1964 Борис Илиевски

1965 Васил Панов

1966 Ристо Ничевски

1967 Јован Софревски

1968 Ристо Ничевски

1969 Јован Софревски

1970. Ристо Ничевски

1971 Јован Софревски

1972 Јован Софревски

1973 Ристо Кизов

1974 Ванчо Георгиевски

1975 Јован Софревски

1976 Јован Софревски

1977 Душан Давчевски

1978 Стевчо Ѓеорѓиевски

1979 Јован Софревски

1980 Ристо Ничевски

1981 Јован Софревски

1982 Душан Давчевски-

1983 Ристо Ничевски-

1984 Панче Захариев

1985 Никола Димовски

1986 Влатко Богдановски

1987 Влатко Богдановски

1988 Роландо Реџепагиќ (Кутиров)

1989 Влатко Богдановски

1990 Јован Софревски

1991 Никола Димовски


1992 Звонко Станојоски

1993 Влатко Богдановски

1994 Роландо Кутиров

1995 Влатко Богдановски

1996 Драгољуб Јаќимовиќ

1997 Трајко Недев

1998 Драгољуб Јаќимовиќ

1999 Тони Кироски

2000 Трајко Недев

2001 Ванчо Стаменков

2002 Никола Митков

2003 Звонко Станојоски

2004 Никола Васовски

2005 Звонко Станојоски

2006 Звонко Станојоски

2007 Владимир Георгиев

2008 Ристе Менкиноски

2009 Влатко Богдановски

2010 Филип Панчевски

2011 Трајко Недев

2012 Филип Панчевски*

2013 Влатко Богдановски*

2014 Филип Панчевски*

2015 Звонко Станојоски*

2016 Филип Панчевски*

2017 Никола Николовски*

2018 Филип Панчевски*

2019 Кирил Георгиев

*Во периодот 2012-2018 година како прваци се сметаат најдобро пласираните играчи од Отвореното првенство на Македонија

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни