Лоренцо со солзи во очите објасни зошто става крај на кариерата (Видео)

lorenco-solzi

Претстојниов викенд на програмата е завршната трка во Мото ГП шампионатот за оваа сезона, а како по традиција, завесата ќе се спушти на Рикардо Тормо патеката во Валенсија.

Претстојната трка која ќе се вози во недела ќе има уште поголемо значење во историски рамки за Мото ГП, бидејќи денеска стана јасно дека Хорхе Лоренцо ќе стави крај на својата блескава кариера токму на трката во својата родна земја. Петкратниот светски шампион имаше ужасна премиерна сезона како член на Репсол Хонда, но за жал, на крајот истата се покажува како последна во неговата кариера, од едноставна причина што Хорхе веќе нема сили да се бори со честите повреди кои ги заработи во изминатите неколку месеци.

– Здраво на сите. Многу ми значи што сите сте тука и што го прифативте мојот повик. Има четири или пет најважни дена во кариерата на еден возач. Денот кога дебитирате, првата победа, првиот мундијал и денот кога објавувате пензија. За мене дојде тој ден и тука сум за да соопштам дека претстојната трка ќе биде моја последна во Мото ГП, се пензиораним како професионален возач, – изјави Лоренцо со солзи во очите, а потоа даде мало објаснување за својата тешка одлука која ја шокираше јавноста.

– Кога потпишав за Хонда, прифатив голем предизвик и имав огромен мотив. Но од самиот старт, за жал не бев во добра физичка подготвеност за да бидам брз и компетитивен. Падот на Монтмело беше тежок, а две недели подоцна кога паднав во Асен, имав тешки последици. Кога бев на земјата и кога станав, се запрашав „Хорхе вреди ли сето ова после се што направи“? Тогаш почнав да размислувам за пензија, – откри Хорхе кој со своите зборови ги изненади и своите колеги.

Претстојната трка за Лоренцо ќе биде последна во кариерата и покрај тоа што има само 32 години, а неговото патешествие сигурно ќе се памети по петте освоени титули во сите категории, односно трите највредни во Мото ГП кои го направија еден од најдобрите возачи во историјата на Шпанија.

Facebook Коментари