Лоренцо доминираше на Муџело, но „филмскиот пад“ на Маркез ги израдува „тифозите“ на Роси!

lorenco-mugelo

Пол-позицијата на Валентино Роси во вчерашните квалификации беше најдобра најава за спектакуларна трка денеска на Муџело, но сепак наместо славје на големиот шампион, на крајот најзадоволни беа домашните фанови на Дукати.

Хорхе Лоренцо извозе трка како во своите најдобри денови и со хируршко прецизно возење стигна до својата прва победа како член на Дукати, триумф кој сигурно може само позитивно да влијае врз самодовербата на шпанскиот возач кој има 18 тешки месеци зад себе. Лоренцо во препознатлив стил од славното минато, го презема водството уште од стартот и не го испушти до самиот крај возејќи соло трка, а зад него денеска заврши вториот член на Дукати, Андреа Довициозо кој сепак не можеше да го следи ритамот на својот тимски колега. Најнеизвесна ова попладне на трката за Големата награда на Италија всушност беше битката за третото место,  а на крајот истата ја доби Валентино Роси во борба со двоецот на Сузуики, Андреа Јаноне и Алекс Ринс. Шести и седми беа Крачлоу и Петручи, додека Вињалес заврши само осми.

Покрај славјето на италијанските фанови на Дукати, домашните гледачи имаа и уште една причина за големо задоволство, а тоа беше падот на Марк Маркез кој иако ја продолжи трката, не успеа да освои ниту еден бод.

На овој начин, Маркез сега има помала предност во генералниот пласман каде сега Роси е втор со 23 бодови заостанување, трет е Вињалес со 28 бодови помалки, а четврт Довициозо кој треба да надокнади 29 поени.

Facebook Коментари