Поврзете се со нас

Шах

Љубомир Хаџи Манев: Македонија беше најуспешна на турнирите за дописен шах во СФРЈ!

Објавено

на

Деновиве излезе од печат монографијата „Дописниот шах во Македонија“ од авторот Љубомир Хаџи-Манев, ФИДЕ шаховски мајстор и мајстор во дописен шах.

Книгата има историска вредност, бидејќи покрива период од околу 50 години, се до 1990 година, кој е многу значен за македонскиот дописен шах, а на жалост, никаде во нашата шаховска историја не е нити спомнат. Претставени се шахисти од тој период, за некои сме слушнале, а за повеќето не, посебно денешната помлада генерација, која со право можеме да ја наречеме телентирана и надежна. Затоа целта на книгата е за да го прикаже, но и да не се заборави творештвото на тие генерации шахисти кои постигнаа значајни резултати на ова поле.

За читателот кој не е запознаен со начинот на играње дописни шаховски партии, даден е еден историјат на светскиот дописен шах и како тој се играше. Шахот се играл на растојание уште пред да постои поштенска достава. Се мисли дека прва одиграна дописна партија била помеѓу византискиот император Никифорос и багдатскиот калиф Харун ал-Рашид, некаде во деветтиот век. За Европа се смета дека првата таква партија била одиграна некаде 1119 година, помеѓу англискиот крал Хенри I и францускиот крал Луј VI.

За нас посебно е интересен еден податок објавен од македонските археолози. Имено, при археолошките ископувања на Скопско кале во текот на 2007 година, меѓу другото е пронајдена и една шаховска фигура датирана во 11 век. Читателот веројатно ќе биде изненаден дека во тоа време десетина години со Скопје владееле Викинзите!

ДЕРБИ: Содржински и оваа книга се однесува на шаховско творештво, но многу поинакво од она кое произлегува од салата за игра каде психолошката напнатост создава поинакви чувства. Ќе се долови ли таа разлика низ понудените партии?
– Се надевам дека оваа книга, не само што ќе покрие една историска празнина за нашиот шах, туку може да биде и едукативна за помладите шахисти, а за повозрасните едно сеќавање на времето кога се играше „романтичен“ шах. Добар дел од книгата, околу 100 страници (од вкупно 266) посветени се на најголемото екипно натпреварување во поранешната држава СФРЈ, а тоа се Тунирите на републикте и покраините кои се играа од 1973 до 1989 година, во вкупно 8 циклуси. Овде во составите на репрезентациите беа најдобрите играчи од целата земја, а треба да се напомене дека тогашна Југославија беше и меѓу најдобрите во светот, не само во редовниот шах туку и во дописниот. Ова го потенцирам бидејќи нашата македонска репрезентација на овие натпревари на државно ниво, во тие осум циклуси два пати беше победник, два пати втора и по еднаш трета и четврта, што на крај кога сето тоа ќе се сумира не поставува на првото место како најуспешна репрезентација. Во книгата документирани се сите овие турнири, со табели по табли, но и со избор на најубавите партии. Партиите се коментирани со помош на современиот шаховски софтвер, и она што читателот ќе може да го забележи е високиот квалитет на тие партии, играни во време кога компјутерите сеуште го немаа „освоено“ шаховското поле. Во книгата се дадени околу 190 партии, од кои и сите мои 130 одиграни во време од 15 години на 15 турнири, како домашни така и меѓународни. Македонските дописни шахисти, многу од нив играле и редовен шах, претставени се со нивни убави шаховски остварувања, секако колку тоа беше возможно заради временската дистанца од повеќе од 40 години и релативниот недостаток на расположиви пишани документи и партии. Посебно поглавје посветено е и на најдобрите, легендите како што можеме со право да ги наречеме.

ДЕРБИ: Како се играше дописниот шах? Имаат ли денеска тие партии шаховска важност и квалитет да бидат вброени покрај оние од турнирите?
– Во тоа време се играше со испраќање на потезите преку дописни картички (иако имаше и други начини на игра, како телеграфски или преку радио врски), бидејќи се уште немаше интернет, кој денес се користи за играње дописен шах. Ова го напоменувам дека и денес се игра дописен шах, секако преку интернет и со компјутери, а времето за еден потез е обично 3 дена, ако не се договори на друг начин. Во склоп на ФИДЕ (шаховската федерација) постои ИЦЦФ – светска федерација за дописен шах, која организира и води турнири и го евидентира рејтингот на играчите. Можеби некој ќе рече дека сега со компјутерите веќе не е инересно бидејќи не играат луѓето, но важно е тоа што човекот го има последниот збор кој потез ќе го избере. Овие дописни партии се многу квалитетни и често се цитираат во шаховските книги, а ги користат и најсилните шахисти на денешницата во нивните припреми. Шахистот кој денес игра дописен шах може многу да научи, не само во фазата на отворањето туку во подоцнешните делови од партијата.

ДЕРБИ: Сепак во книгата се осврнувате и на други теми, како врската на шахот со информатичките технологии?
– Бидејќи денес не можеме да го одвоиме шахот од компјутерите, во книгата неминовно беше да се посвети и внимание на оваа тема. Современата информатиката, а се повеќе и вештачката интелигенција го освојуваат светот, така во последното поглавје ја потенцирам врската меѓу шахот и оваа технологија, посебно со фактот дека информатиката од секогаш наоѓала голем интерес да ги развива и вежба своите програмерски вештини токму на шаховската игра. Историски гледано и поранешниот светски првак, големиот Михаил Ботвиник, по струка електро инженер, а исто така и Макс Еве, математичар и светски првак 1935-1937 година, имаат многу пишувано и работено на оваа тема и тоа во време кога тогашните компјутери и софтвер, гледано од денешен аспект биле на многу ниско ниво.

За заинтересираните, книгата може да се набави преку издавачот и неговата веб страница batapress.mk, а ќе биде расположива и во некои книжарници.

Книгата е подржана од Министерството за култура, како проект од национален интерес од областа на литературата и издавачката дејност за 2021 година, а издавач е издавачката куќа Бата прес милениум од Скопје.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни