Поврзете се со нас

Македонија

Легендарниот „Таско“ повика за повеќе љубов кон македонскиот фудбал

Објавено

на

Поранешниот ТВ коментатор, Атанас Костовски, на церемонијата „Најдобри во македонскиот фудбал“ што ја организираше ФФМ, доби награда за животно дело.

Во своето обраќање до полната сала на МНТ, какои на гледачите пред малите екрани, тој најпрво искрено и се заблагодари на федерацијата и на актуелниот предводник, Муамед Сејдини, а потоа посака „македонска – европска 2020 година“, алудирајќи на претстојните натпревари на репрезентацијата во завршницата на Лигата на нациите.

– Ваква награда не добив во времето на Иванов, Арнаудов, Хаџиристески и Ѓорѓиоски. Благодарам Мети, никогаш не е доцна за награда.

Зборувајќи на темата што ја зачна Бранко Илиевски, кој беше поканет од ФФМ да го најави својот повозрасен колега и да му ја врачи наградата, популарниот Таско се надоврза со свој коментар околу пренесувањето на спортските содржини на македонски јазик.

– Посакувам сите мои колеги од јавниот ТВ сервис и од комерцијалните телевизии, да имаат таква можност каква што сум имал јас и да известуваат и коментираат кога нашата репрезентација ќе биде на Европско првенство и тоа на македонски јазик. Тогаш коментаторите остануваат засекогаш запаметени.

„Дерби“ побара и дополнителна изјава од 82-годишниот Костовски по овој повод, а тој упати повик до сите медиуми и спортски новинари да покажат повеќе љубов кон македонскиот фудбал.

– Своевремено, МТВ правеше извештаи за секое одиграно коло и ги емитуваше во „Спортски преглед“, се издвојуваа моменти за кои подоцна се зборуваше и во други емисии. Денеска има камери на секој стадион, сите голови се снимени, но ретко каде се емитувани. Потребно е сите што ја работат оваа професија да ја работат со љубов, па тогаш и нема да им биде тешко да одвојат повеќе време за македонскиот фудбал.

Атанас Костовски во текот на својата работна кариера која ја помина во националната телевизија, имаше можност да одработи околу 2.500 преноси во живо од повеќе спортови, меѓу кои и првиот натпревар на фудбалската репрезентација на Македонија на гостувањето во Словенија во 1993 година.

– Мојот прв пренос беше во октомври 1965 година, од фудбалскиот натпревар меѓу Вардар и Црвена Ѕвезда, со режија на Вељо Личеноски, резултатот беше 2:0 и бев многу среќен. Мојот јубилеен стоти пренос беше во Љубљана, каде што на 23 мај 1970 година, ја прогласив тогашната кошаркарска репрезентација на Југославија како светски првак со победа над САД. За илјадитиот пренос се погодив на Европското првенство во бокс во Будимпешта, во 1985 година, покрај Драган Никитовиќ. Во целата кариера имам околу 2.500 преноси, а две илјадитиот го одработив од Скопје, во 1998 година, коментирајќи дуел од Премиер лигата меѓу Евертон и Манчестер Јунајтед (1:4). Фудбалската репрезентација на Југославија ја коменторив во 110 наврати, почнувајќи од 1967 година, кога со голот на Скоблар беше извојувана победа од 1:0 над Западна Германија за која играа Франц Бенбауер и Герд Милер. Претходната 1966 година за прв пат бев на едно светско првенство, во Британија, но не коментирав, туку бев како асистент на Младен Делиќ и Владан Стојаковиќ. Бидејќи во 1970 година Југославија не се пласираше, прв пренос од еден „Мундијал“ имав во 1974 година, по што продолжив со коментарите на секој следен, се до 1998 година во Франција. Последниот пренос за МТВ ми беше со реден број 2.206, дуел од Лигата на шампиониоте меѓу Галатасарај и Депортиво Ла Коруња, на 20 февруари 2001 година, за потоа да ме суспендираат поради изречено мислење за програмската шема, па ми беше забрането да коментирам до заминувањето во пензија. Потоа имам одработено уште две стотини преноси, коментирајќи фудбалски натпревари, претежно од ЛШ, за некои комерцијални телевизии.

Токму овој месец, националниот сервис МРТВ прославува 75 години од своето емитување радио програма, како и 55 години од првиот ТВ Дневник, на 14 декември 1964 година во кој Атанас Костовски беше учесник покрај тогашните водители Александар Ацев и Бранка Становска.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни