Поврзете се со нас

Репрезентација

Лазаров во стил на голем спортист: Да не верував, немаше да прифатам, мора да си поставиме високи цели!

Објавено

на

blank

Еден од најголемите спортисти кои ги дала Македонија, Кире Лазаров од денеска и официјално е нов селектор на сениорската ракометна репрезентација.

Таквата одлука била донесена на вчерашниот управен одбор на РФМ, а истата на јавноста беше соопштена денеска на онлајн пресконференцијата на која освен Мукаетов говореше и новиот селектор, Кире Лазаров.

Лазаров откри дека без размислување прифатил да биде селектор на репрезентацијата затоа што секогаш бил тука за Македонија.

– Без размислување прифатив да бидам селектор затоа што секогаш сум бил тука за Македонија и никогаш во животот не сум ја одбил Македонија. Бидејќи се уште сме во активна сезона, разговаравме со претседателот Мукаетов и увидовме дека имаме слични размислувања, а на некои прашања и идентични, па генерално договоривме дека доколку е возможно, јас би продолжил да играм уште една година. Следниот месец би требало да знам дали ќе продолжам со активното играње или пак на лето ќе објавам крај на играчката кариера. Во овој момент цениме дека е најважно да го задржиме континуитетот на настапи на големите натпреварувања, а тоа пред се значи пласман на Европското првенство идната година во Унгарија и Словачка, а потоа и настап на Светското првенство што во 2023 ќе се игра во Полска, – изјави Лазаров.

Новиот селектор на репрезентацијата најави дека во блиска иднина ќе го објави и списокот на соработници, но и поширокиот список од 35 ракометари на кои ќе смета за ЕХФ неделата.

– Немаше да прифатам ако не верував во овие наши ракометари и ако не сметав дека можеме од година во година да бидеме поквалитетни. Првенството во Египет не беше вистинска слика за македонската репрезентација, можевме да поминеме подостоинствено и поради тоа во иднина ќе одиме со нов систем на игра. Свесен сум дека тоа нема да оди брзо затоа што во одредени моменти ќе мора и да играме и да оствариме некои значајни победи, но мора да се угледаме на тоа како се работи со младите во Франција, во скандинавските земји како и во Хрватска и Словенија од нашите поблиски земји. Мојата тема за лиценцата е веќе напишана и останува само да ја одбранам, да не беше ситуацијата со Ковид-19, веројатно веќе и ќе требаше да ја имам, – порача Лазаров.

Одговарајќи на новинарските прашања, македонската ракометна легенда без стеснување укажа дека и самиот мечтаел за еден ден да биде на оваа функција.

– Позицијата селектор на македонската репрезентација ја посакував отсекогаш, едноставно ги сакам предизвиците, таков бев како играч, таков ќе бидам и како селектор. Во репрезентацијата сум од 1997 годиа, со кампот и формирањето на клубот започнав пред шест години и во таа насока сакам  да продолжам. Мора да си поставиме високи цели и да работиме на високо ниво со сите категории на ракометари, да имаме отворена комуникација со клубовите и некаде во период од една година на ЕП во Унгарија и Словачка да играме како што посакувам, модерен ракомет во двата правци, – заврши Лазаров.

 

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни