Поврзете се со нас

Лига на шампиони

Лазаров: Вардар е најнезгоден противник на овој турнир

Објавено

на

За „Дерби“ од Келн,
Александар Табаковски

Кире Лазаров ја игра последната сезона во дресот на Барселона и посакува да се збогува со каталонскиот тим, со уште една европска титула. Најдобриот македонски ракометар во полуфиналето ќе се соочи со Вардар, а во пресрет на денешниот меч, Лазаров зборува со полн респект за противникот и начинот на кој Барса може да дојде до триумфот.

– За да победиме ќе треба да одиграме еден перфектен натпревар, имајќи на ум дека Вардар оваа сезона игра речиси перфектно. Како минуваше сезоната, играа се подобро и подобро, а ние имаме огромна почит кон Вардар и свесни сме дека можеби немаат силно име на ракометната мапа како останатите екипи, но затоа се веројатно и најнезгодниот противник на овој завршен турнир.

– Треба да бидеме на висина на задачата сите 60 минути. Вардар знае да казнува, се работи за брза, тркачка екипа, која е добро подготвена во сите фази на ракометната игра. Има стапици во кои можеме да влеземе и свесни сме за тоа, а доколку сакаме финале, тогаш против Вардар, да не претерам, но треба да го одиграме најдобриот натпревар оваа сезона, – потенцираше Лазаров.

Најдобриот македонски ракометар периодов ќе ги одигра последните натпревари во дресот на Барселона, прво во Лигата на шампионите, а потоа и во шпанскиот куп.

– Веројатно поради важноста на овој турнир и значењето на натпреварите, некако не сум свесен дека за недела ипол ќе треба да се спакувам и да се преселам во Нант. Фокусирани сме на она што не очекува викендов, го чекаме почетокот и веќе ја чувствуваме таа позитивна трема која е потреба да се биде концентриран на терен, – вели Лазаров.

Вардар и Барселона својот полуфинален натпревар го играат денеска од 18 часот.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни