Поврзете се со нас

Репрезентација

Лазаров пред соочувањето со Хрватска: Да провериме што сме сработеле против квалитетен ривал

Објавено

на

Македонската ракометна репрезентација влегува во завршната фаза од подготвките за Светското првенство, а во неа е вклучен пријателски натпревар со Хрватска, како и тренинзи во Вараждин до почетокот на мундијалот.

Селекторот Кире Лазаров денеска ја истакна актуелната ситуација во националниот тим, импресии од досега сработеното и плановите до стартот на СП.

– Задоволен сум од она што го сработивме. Не брзавме, имавме доста време и сега доаѓаме до финалниот дел од подготовките.

– Ќе можеме да ја почувствуваме атмосферата во Хрватска, ќе одиграме пријателски натпревар со Хрватите, по што ќе можеме во мир да ги докомплетираме подготовките.

– До почетокот на СП ќе бидеме сместени во Вараждин, на располагање ќе имаме добри услови , фитнес центар и спортска сала 24/7 и тоа треба да го искористиме за да се подготвиме најдобро за натпреварите, – вели Лазаров.

Македонскиот селектор посакува репрезентацијата да остане без проблеми со повреди во целиот период кој следува.

– Засега сите ракометари се здрави, се надевам дека така и ќе остане. Патуваме со 19 играчи бидејќи сметам дека ќе ни биде потребен поширок ростер, пред се бидејќи имаме неколку играчи кои одвреме навреме ги штедиме во тренажниот процес бидејќи влечат стари повреди, – потенцира селекторот.

Унгарија е прв противник на Македонија, по што следуваат дуели со Холандија и Гвинеја.

– Ние сега размислуваме само за Унгарија и се подготвуваме само за овој натпревар, подоцна ќе ги анализираме останатите противници. Периодов ќе обезбедиме и дополнителен материјал за Холандија и Гвинеја, бидејќи сега доаѓаат пријателските натпревари и ќе имаме покомплетни информации за противниците во групната фаза, – истакна Лазаров.

Селекторот ја истакна и целта за пријателското соочување со кодомаќинот Хрватска.

– Ќе го искористиме и ќе се обидеме да го презентираме она што го имаме сработено, да видиме до каде сме и со физичката подготвеност и тоа против квалитетна репрезентација која има големи амбиции на СП. Мислам дека имаме одличен противник за проверка на сработеното, а резултатот нема да биде во прв план, – потенцира македонскиот селектор.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни