Поврзете се со нас

Европски првенства

Лазаров: Конечниот резултат не е реален

Објавено

на

Специјален известувач за „Дерби“ од Диселдорф, Ристе Влахов

Кирил Лазаров може да биде задоволен од залагањето на неговите играчи во најголем дел од мечот со Франција, но дефинитивно не и од конечниот резултат кој гласи 39:29.

Концентрацијата кај нашите играчи падна во завршницата од мечот и Франција на крајот убедливо победи со десет голови разлика, па тоа донесе и незадоволство кај нашиот селектор.

Кире им честиташе на Французите за одиграната партија на официјалниот прес по натпреварот, меѓутоа не пропушти да нагласи дека е задоволен од изведбата на момците во одреден период од мечот.

– Честитки за Франција, тие заслужија да победат и мислам дека се најдобар тим во Европа заедно со Данска. Не е лесно да се игра со нив и задоволен сум од моите момци. Дадовме се што имавме, но тоа не беше доволно против Франција.

– 40 или 45 минути бевме добри, но не успеавме да играме до 60-та минута во нивно темпо. Не сум задоволен од конечниот резултат, десет разлика не е реално за тоа што се случуваше на теренот. Можеби требаше да биде шест, седум или осум разлика во нивна корист. Сепак, таков е нашиот спорт, ако правите грешки против Франција, тие ви даваат гол во две – три секунди. Сега ја видов статистиката и гледам дека сме направиле многу грешки, премногу на меч против Франција.

– Ова не менува ништо, очекувано беше да го загубиме овој меч и сега имаме четири дена за добра подготовка против Германија. Немавме среќа што се најдовме во група со Франција и Германија, но таква беше нашата среќа и ќе продолжиме да се бориме, – изјави Лазаров на официјалниот прес.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни