Поврзете се со нас

Македонија

Лазаров: Имам една забелешка за Вардар, сега спречуваме изумирање на македонскиот ракомет!

Објавено

на

Кирил Лазаров во долгото интервју за „Моцарт Спорт“ откри дел од приказната кога морал да го одбие Сергеј Самсоненко и Вардар за враќање во родната земја, но во опширниот разговор, селекторот проговори и за историските успеси кои ги прокнижи Русинот со тој проект.

Вардар двапати стана европски шампион и со златни букви се запиша во Лигата на шампионите, но Лазаров смета дека македонската репрезентација не добила ништо позитивно од тој тим на Вардар кој беше исполнет со странци.

Слична е и сега ситуацијата во Еурофарм Пелистер каде има интернационалци, па Лазаров потенцира дека токму тоа било главната причина за отворање на проект каков што е Алкалоид.

– Алкалоид настана кога видовме дека мојата генерација нема достојни наследници во Македонија. Секоја чест за другите клубови, но тие се одлучуваа за стратегија со која предност им се дава на странците. Го почитуваме тоа, но ние имаме поинаков концепт. Како ќе направиме резултат со Македонија, ако немаме свој проект? Како ќе одиме напред, ако македонските деца не добиваат шанса? Ние немаме толку многу ракометари кои играат во странство како вие во Србија, затоа решивме да пробаме да ги задржиме дома. Сакаме да спречиме изумирање на македонскиот ракомет, на македонскиот национален тим. Одиме напред, потребно ни е време, но стануваме конкурентни на домашно, но и на меѓународно ниво. На добар пат сме, постоиме само година и пол, а веќе сме во Лигата на Европа.

– Еурофарм Пелистер е наш претставник во Лигата на шампионите и имаат 12 странци во тимот. Тоа се квалитетни играчи, но и тие тешко се носат во елитата. Не сакам да се насладувам на нивните порази, но ние како држава губиме рејтинг во ЕХФ. Мислам дека во ЕХФ треба да поработат на тоа, треба да и се даде шанса на сите клубови, треба сите да добијат шанса да бидат дел од европскиот крем.

– Се воодушевувам на се што направи Вардар, двапати стана европски шампион. Тоа го направи со странски играчи и го почитувам тоа. Нивната стратегија беше таква, се покажа дека е добра и им честитам на тоа. Мојата забелешка до Вардар е една, требаше напоредно да работи со младинските категории, не знам зошто во позадина немаше младински погон. Само Столе Стоилов беше домашен играч кога се освојуваа титулите. Двете круни секогаш ќе останат запишани, ја промовираа и Македонија, но репрезентацијата не доби ништо од тоа, – заклучува Лазаров.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни