Поврзете се со нас

Македонија

Лазаров и Алкалоид сериозно го предизвикаа шампионот, Вардар едвај стигна до победа

Објавено

на

Foto:facebook.com/rkalkaloid

Младиот тим на Алкалоид тежнее кон тоа да игра брз, модерен и атрактивен ракомет, а избранциите на Кире Лазаров успеаја да го презентираат тоа и против македонскиот шампион, иако на крајот платија со неискуството и претрпеа пораз.

Новајлијата во Суперлигата кој тргна со „три од три“ во новата натпреварувачка сезона сериозно го предизвика Вардар и дури можеше и да го победи ако ги искористеше своите шанси, бидејќи последните десет минути од мечот ги отвори со два гола предност.

Во клучниот период, младите играчи на Алкалоид направија неколку важни грешки и му дозволија на Вардар да влезе во ритам, по што следеше и пресврт на фаворитот за завршна победа од 28:25.

Вардар денеска го доби првиот посериозен испит во новата сезона во домашното првенство и Алкалоид покажа дека ќе може да им парира на сите, особено кога има желни ракометари расположени за докажување, но и тренер како Лазаров кој има поставено високи стандарди и бара максимална ангажираност од играчите.

Алкалоид има за што да жали поради пропуштеното водство на полувремето (12:13) и она на десет минути пред крајот, но и да извлече поуки од поискусни екипи како шампионската на Вардар. На денешниот меч импресивни беа двајцата голмани, Томовски собра 12 одбрани, Трајковски една повеќе, додека во нападот се истакнаа Манасков со осум и Талески со шест во Вардар, односно Стојковиќ со шест во Алкалоид.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни