Поврзете се со нас

Репрезентација

Лазаров го наполни противничкиот гол, Македонија ја преслуша Финска во Скопје

Објавено

на

Македонската ракометна репрезентација докажа дека е класа над селекцијата на Финска и во ситуација кога подолго време нема одиграно официјален натпревар, па вечерва сосема заслужено стигна до прва победа на отворањето на квалификациите за Европското првенство.

Најсилната селекција предводена од селекторот Брестовац наиде на посериозен отпор од Финска само во воведните 10 минути, по кои нашите избраници ја преземаа контролата, а воедно и го диктираа темпото до самиот крај на мечот. По 20 минути игра, македонските ракометари создадоа комотна предност од пет гола, а веќе на полувремето можеше да се заклучи дека Финска нема што да бара на гостувањето во Скопје (16:10).

Иако се играше пред празни трибини во „Борис Трајковски“, избраниците на Брестовац пронајдоа мотив за докажување и во второто полувреме, во кое во неколку наврати стигнаа до максимална предност од девет разлика, со која воедно беше и завршен натпреварот.

Во конечните 33:24, Митревски и Томовски прокнижија вкупно 13 одбрани, додека убедливо најефикасен на теренот беше нашиот капитен, Кире Лазаров.

Македонскиот „бомбардер“ беше фасцинантен од седум метри и мечот го заврши со 11 погодоци, шест гола постигна Кузмановски, додека по четири реализации има Пешевски и Маџовски. Следен предизвик на Македонија во квалификациите е дуелот со Швајцарија, а истиот се игра за три дена на гостински терен.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни