Ларсон откри каква лекција им одржал на Меси, Иниеста и Чави по пристигнувањето во Барса

larson

Хенрик Ларсон имаше кратка, но исклучително успешна етапа во Барселона, а според многу фудбалски ѕвезди меѓу кои Роналдињо и Анри, легендарниот Швеѓанец беше клучен фактор во пресвртот кој го имаше Барса во големото финале со Арсенал во Лигата на шампионите во 2006-та година.

Ларсон потпиша за Барса на возраст кога се чинеше дека е на залезот на својата кариера (32 години), а како искусен фудбалер донесе огромен шампионски плус во тогашниот тим на Франк Рајкард. 16 години по неговиот трансфер на „Камп Ноу“, Хенрик открива дека дури 20 клуба биле заинтересирани за негов ангажман по одличниот настап на Европското првенство, а неговата сопруга го убедила дека мора да ја прифати понудата на Барселона.

– Мојата сопруга ми кажа дека Барселона ме сака, а јас и кажав дека ќе мора да почекаат. Таа ми кажа дека нема време за чекање и така завршив на „Камп Ноу“, – порачува Ларсон за „Скај Спортс“ и открива дека како искусен фудбалер, им одржал лекција на Чави, Иниеста и Меси кои тогаш се пробиваа на фудбалската сцена.

– Многу брзо сфатија дека може да играат со мене и дека ќе имаат корист од мене. Им кажав дека се многу добри, но дека треба да сфатат зошто е тоа така и да продолжат да работат како до тогаш. Им порачав дека имам видено многу добри фудбалери, кои подоцна со текот на времето престануваат да ги прават добрите работи кои ги правеле дотогаш. Морам да кажам дека го послушаа мојот совет, – открива Ларсон кој на 59 натпревари за Барса постигна 19 голови во двете сезони.

Facebook Коментари