Кутиров: Сонувам дека можеме да ги повториме шаховските успеси од Истанбул и Блед

rocco mechka alkaloid open 2018

Роландо Кутиров беше селектор на шаховската репрезентација на Македонија пред нешто повеќе од 10 години, а сега повторно влегува „во рингот“ иако за разлика од тогаш ситуацијата во шаховскиот свет е мошне потешка споредено со тогаш.

Кутиров е соговорник чија што нарација е исклучително нагласена и каков што новинарите најчесто посакуваат, па и ова навидум концизно конципирано интервју доби во простор и тежина благодарение на отворениот дијалог и деталите кои се составен дел од секоја негова приказна.

Во интервјуто за „Дерби“ тој вели дека сонува да ги повториме успесите од светскиот самит во 2000 и 2002 година, кога бевме на делба на седмото, односно осмото место, а поединечно наши играчи освоија медали за играта на пониските табли.

ДЕРБИ: На 23 јули истекува рокот за пријавување на играчите, дали веќе се знае составот за Олимпијадата во Грузија?
– Моја главна цел е за прв пат по оние успеси што ги имавме пред 15 години повторно да го имаме на располагање најсилниот состав на репрезентацијата, па на поширокиот состав се наоѓаа имињата на нашите шахисти во САД како Никола Митков и Влатко Георгиев како и оние што досега биле во тесниот избор како Недев, Станојоски, Јаќимовиќ, Богдановски, Чоловиќ, како и младите Николовски и Лазов. Дали е Лазов пред Дејан Стојановски? Не не, онака ги набројувам сите што беа во конкуренција, нема никој ни напред ни позади! Во меѓувреме се интересирав и која е можноста да го вратиме Кирил Георгиев, кој има двојно државјанство и претходно освоен медал со Македонија, па при неодамнешната посета на претседателот на ЕКУ, Зураб Азмајпарашвили дознав дека поради распадот на бугарската федерација играчите имаат право веднаш да настапат за други земји, без притоа да треба да поминат некои рокови или да се плаќаат скапи такси кон ФИДЕ за премин од една во друга федерација. На овој начин, би имале двојна добивка затоа што освен што ќе имаме силна прва табла со Кирил Георгиев автоматски другите што ќе играат на пониските табли ќе имаат полесна работа, па на тој начин македонската јавност ќе може да очекува добри резултати во секој натпревар, дури и против Русија. Сепак, на крајот имаме право да понесеме само 5 играчи па така од овој поширок список, јас како селектор настојувајќи да ги имам најдобриот материјал на располагање можам да заклучам дека тоа се Кирил и Влатко Георгиев за првата и втората табла како и Недев и Панчевски на третата и четвртата, со Никола Николовски како претставник на младите и актуелен најдобар македонски играч на двата турнира „Опен Македонија“ и „Опен Карпош“.

ДЕРБИ: Претходните години, заради недостигодот на средства се одеше кон давање шанса на помлади играчи па ако успеете да го вратите овој состав дали тоа значи дека конечно и играчите ќе добијат вистински надомест за својот ангажман?
– Сигурен сум дека сите претходни селектори како Марјан Митков, Драгољуб Јаќимовиќ, а пред него и Кизов, секогаш ја бирале најдобрата репрезентација што била во тој момент согласно условите што постоеле. Сега имаме добри, позитивни услови за шахот повторно да се врати на оние височини на кои што бил, сметам дека сега ќе имаме понормална ситуација, играчите ќе добијат рамноправно хонорар за настапот кој што би требало да биде во висиочна од околу 500 евра, сума што не е ниту голема ниту мала. Морам да потсетам дека иако се работи на деблокада на жиро сметката на федерацијата, за што имаме ветено помош од највисоките институции, сепак нашата сметка се уште е затворена и се уште не сме во можност да добиваме средства со кои што би ги финансирале нашите активности.

ДЕРБИ: Дали ќе работите нешто со шахистите и дали ќе има подготовки за Олимпијадата?
– Искрено од сите набројани, заради отсуството на Кирил Георгиев и Влатко Георгиев како и работниот ангажман на Филип Панчевски, едноставно не беше можно да направиме никакви сериозни подготовки, затоа што тоа би значело да работиме само со Недев и Николовски, но такви активности ќе планираме за во иднина. Тоа мора да биде на ниво на федерација, а таа си има своја имаше свои проблеми за решавање периодов, верувам дека во иднина ќе испланираме нешто и во тој сегмент како за следното Европско или следната Олимпијада.

ДЕРБИ: Претходниот селектор Марјан Митков потенцираше дека македонските играчи малку настапуваат во текот а годината и дека има проблеми да ја следи нивната форма, дали тоа ќе биде и ваш критериум со оглед на тоа што до сега само отвореното првенство беше место каде што можеа да се следат партиите на најсилните македонски играчи?
– За овој состав за кој што разговраме, можам да кажам дека Кирил е во континуитет на турнири, додека Влатко Георгиев помалку игра, но неговиот квалитет сите го знаеме, затоа и тие двајца ќе ги држат првите две табли каде што е и најтешко. Другите тројца играчи се фајтери што секого можат да победат, но и од секого можат да изгубат, нивниот квалитет е неоспорен би рекол дека се зависи од инспирацијата, формата и атмосферата, па тоа ќе биде моја задача да успеам во креирањето на таквата околина, бидејќи тие нешаховски нешта можат многу да ни помогнат, со еден збор да створиме победнички дух во репрезентацијата. Мојата фантазија е на тој начин да ги повториме резултатите од Блед и Истанбул, кога делевме седмо односно осмо место во генералниот пласман, во моментов не сакам да користам излитени фрази, дека ќе бркаме пласман пет до десет места подобар од нашиот рејтинг, туку едноставно сонувам да го направиме она што може да се направи кога ќе ти се насмевне среќата. Знам дека ќе биде исклучително тешко, но никој не може да ми забрани да сонувам.

nedev kutirov alkaloid open 2018

ДЕРБИ: Но, што станува со следењето на играчите во текот на годината бидејќи им се забележува на Недев и на Панчевски дека не играат доволно партии?
– Точно е дека Недев не игра многу партии меѓутоа тој е посебен квалитет и континуирано е во допир со шахот, тој е буквално „ѕвер“ од работник и ќе ви откријам една тајна што јас како селектор, очекувам Трајко да биде мојот најголем советник додека сум селектор во секојдневните избори за настап на тимот во секое коло. Тој поседува фантастична моќ за аналитичност и признавам дека ќе ми биде најголем помошник во носењето одлуки кои 4 играчи да настапат во зависност со кого играме, тој најмногу го следи светскиот шах во континуитет и мислам дека е подобро информиран дури и од Кирил Георгиев, едноставно ги следи другите. Околу Панчевски, се согласувам дека игра помалку откако е вработен но лично сметам дека неговиот стил на игра не оди контра тоа што е вработен, туку на некој начин му одговара. Тој е играч што внесува голема енергија во секоја партија. Лично сметам дека тој доколку би одел на многу турнири би бил многу истрошен, тој многу се вложува во секоја партија и вака кога е одморен и кога не игра премногу може да даде подобар резултат.

ДЕРБИ: Иако се чинеше како Кутиров да исчезнал од македонскиот шах, овој кам-бек е мошне енергичен: селектор, член на УО и предводник на шаховскиот клуб „БМ Кисела Вода“. Ви пречи ли што Кутиров како член во УО ќе мора да гласа и да го оценува Кутиров како селектор?
– Да, малку е чуден тој сплет. Јас прво влегов во УО на барање на претседателот Благоја Богоевски како претставник на играчите, да помогнам со некои мои активности, а откако станав селектор побарав да се повлечам, но ми беше објаснето дека за такво нешто мора повторно да се свика собрание, па во првата прилика тоа веројатно ќе се најде на дневен ред, да не го свикуваме сега. Од друга страна, да имаше противкандидат за селекторската функција, јас сигурно ќе гласав за него од џентлменски причини. Клубските обврски исто така нема да ме попречат, во минатото „БМ Кисела Вода“ се бореше за второ или тртео место, но минативе четири години беше заборавен од власта. Со новиот градоначалник Темелковски најдовме заеднички јазик да продолжат да го финансираат клубот, игравме квалификации, се пласиравме на државното и тоа е тоа за оваа година. Здравје, следната година може ќе се ангажираме и на меѓународен план, да работиме со млади итн.

Facebook Коментари