Куп на Македонија: Пелистер го доби возбудливото пелагонски дерби, Ренова и „Пандевци“ без грешка

pelister-radost

Во купот на Македонија ова попладне се одиграа три натпревари од четвртфиналната фаза, а секако посебно внимание предизвика дуелот кој се одигра во Битола, односно пелагониското дерби кое го одиграа Пелистер и Победа.

Двата лути ривали одиграа навистина атрактивен меч во кој беа постигнати дури седум гола, со тоа што многу поблиску до пласман во полуфиналето на купот е бранителот на титулата, екипата на Пелистер. Домаќините одиграа импресивно второ полувреме во кое комплетно го нокаутираа ривалот, и на тој начин го оставија во втор план изедначеното прво полувреме по кое резултатот беше 2:2. Победа дојде до водство со голот на Ристевски, но набрзо пресврт направи Гоце Тодоровски кој постигна два гола за 2:1. Во самата завршница на првиот дел, за ново израмнување на резултатот се погрижи Наумоски, но тоа беше се што направи Победа на овој меч.

Во второто полувреме играше само еден тим на теренот, па најпрво Пеев погоди за 3:2, а потоа Лукас со два погодоци донесе висока победа од 5:2 за пелистерци кои со уверлива предност ќе го чекаат реваншот во Прилеп.

На останатите два меча, Ренова во Тетово го победи Скопје со 2:0, додека Академија Пандев на гостински терен беше подобра од Тетекс со 0:2. Реваншите на денешните три одиграни Куп натпревари се закажани за 29 ноември.

Facebook Коментари