Куманово декласиран во Стара Загора, ќе биде потребно чудо за титулата во БИБЛ

beroe

Кошаркарите на Куманово беа декласирани во првиот меч од големото финале на БИБЛ лигата во Стара Загора, каде бугарскиот тим Берое оствари победа од 84:55.

Куманово имаше водство само во три наврати на почетокот од средбата со 0:2, 3:5 и 6:7, потоа домаќинот влезе во серија, ја доби првата четвртина со 20:12, а на полувреме веќе имаше сериозна позитива од 46:25.

Домашниот тим и во продолжение продолжи со атрактивна игра и лесни поени во празниот рекет на Куманово, па во вториот дел само ја зголеми предноста и ја олесни својата задача пред реваншот во Македонија.

Сите од стартната петорка кај домаќинот беа двоцифрени, најефикасен со 25 поени беше Гибсон, Гудул имаше 16, Џонс уфрли 12, додека по 11 додадоа Рос и Желев. Кај Куманово најдобар поентер беше Караџовски со 14 поени, Живановиќ имаше 13, додека Браун средбата ја заврши со 11 поени. Капитенот Јаневски даде само 7 поени.

Реванш средбата на програмата е на 18 април во Куманово, а на нашиот тим ќе му биде потребна огромна поддршка од трибините и надеж дека ќе се случи чудо за да го освојат првиот трофеј во БИБЛ лигата.

Facebook Коментари