Шах
Крамник: Алкалоид не успеа да победи во напнати околности

Поранешниот светски првак Владимир Крамник го предводеше тимот „Сибир“ до титулата на европскиот шаховски клупски куп кој се одигра во Скопје, каде што освен екипната круна се избори и за златниот медал како најуспешен играч на првата табла.
Во ексклузивното интервју за „Дерби“ рускиот велемајстор го даде своето гледиште за ова натпреварување и за расплетот во кој несреќно без медал остана токму македонскиот шаховски првак, Алкалоид.
ДЕРБИ: Победивте на турнирот, а се уште сте дел од најдобрите играчи на светот и продолжувате да забележувате одлични резултати. Би требало да сте задоволен?
– Мислам дека имаме мошне силна генерација која почна да се појавува на почетокот од деведесеттите. Јас, Ананд, Иванчук, Топалов, Леко – најголемиот дел од нив игравме тука во Скопје и тоа на првата табла. Тоа е одлично ниво. Се разбира дека во шаховска смисла сме ветерани, сега има многу нови млади играчи како Карлсен, Каруана, па станува се потешко, но ете некако успеавме. Се разбира дека сум среќен за победата на тимот, ова е нов проект, екипата беше формирана пред шест месеци и го освоивме руското првенство со сите победи, а тука победивме на сите мечеви освен на последниот. Тимот е одличен и имаме одлични односи, па среќен сум за момците.
ДЕРБИ: Дали играњето за тимот ви носи придобивки на лично ниво, дали и по ваквите мечеви чувствувате дека сте подобар и посилен играч?
– Вообичаено добро играм во тимските настапи, имам многу настапи за репрезентацијата, но не и на клупско ниво. Ова е посебен клуб, имаме посебен однос, имам чувство дека сме една група и затоа играм тука и ќе продолжам да играм тука. Овде сум не само заради шахот, туку и заради меѓусебните односи.
ДЕРБИ: Во еден од дуелите игравте и со македонскиот првак Алкалоид, би сакал да ве прашам за тоа како гледате доаѓањето тука и на нашите напори да создадеме тим што ќе се носи со врвните шахисти во светот?
– Би сакал најпрво да кажам дека организацијата беше многу добра, хотелот и условите за игра исто така. Знаевме уште пред почетокот дека македонскиот тим и Сокар од Азербејџан ќе ни бидат главни противници, како и италијанскиот тим Падова. Се беше решено во директните мечеви, некогаш ремито е најреален резултат, но понекогаш имате среќа. Македонскиот тим одигра добро, но во понапнати околности не успеа да победи. Можеби следниот пат ќе успее, а за среќа овој пат ние победивме.
ДЕРБИ: На првата табла игравте против многу силни играчи како Топалов и Иванчук, и ги победивте, но во последниот меч со Падова, нивниот најсилен играч по рејтинг, Накамура, беше на третата табла. Дали лично повеќе би сакале да игравте против него и што мислите за таквите стратегии, дали се тие добри за шахот?
– Јас играм со тој што ми е противник, не сум во можност да ги избирам. Секој тим си има свој пристап, своја стратегија. Леко играше на прва табла (за Падова), тој е мошне солиден играч, веројатно го ставија Накамура на некоја од пониските табли за да забележи повеќе поени за тимот. Тоа е логично, мислам дека немаше да има голема разлика. Нашиот капитен ме стави мене на прва табла, и играв на неа бидејќи играм за тимот, нема его во овој случај. Така игравме и на руското првенство, јас на првата табла и Аронијан на втората, па одлуката беше да останеме на истото. Се покажа дека тоа беше добра одлука.
ДЕРБИ: Можеме ли да очекуваме да ве видиме повторно во борба за светската титула?
– Ќе се обидам да го дадам најдоброто од себе, се трудам, се уште играм добар шах, но има многу силни и талентирани предизвикувачи. Јас сум еден од нив, но не повеќе од тоа. Се надевам дека еден ден повторно ќе играм во мечот за светската титула.
Александар Табаковски
-
Англија19 часа
Рашфорд и Асенсио дебитираа, Астон Вила преку Тотенхем до осминафинале во ФА Купот (ВИДЕО)
-
Англија24 часа
Фудбалер на Борнмут ги воодушеви фановите со начинот на кој изведе пенал (Видео)
-
Шпанија16 часа
Барселона ја разби Севилја и се врати во трка за титулата (ВИДЕО)
-
АБА лига23 часа
Голема драма во АБА: Мега искористи напад за победа од една секунда (Видео)
-
Шпанија20 часа
Валенсија оствари победа вредна „шест“ бода (ВИДЕО)
-
АТП6 часа
„Тајмс“: Ѓоковиќ и Мари донесоа конечна одлука за меѓусебната соработка
-
Шпанија21 час
Реал потврди повреда, Анчелоти остана без важен играч за гостувањето кај Сити
-
Италија17 часа
Магичен гол на Екеленкамп, Удинезе му „украде“ бодови на Наполи (ВИДЕО)