Поврзете се со нас

Европски првенства

Кошаркарите се собраа, Тодоров порача: Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин!

Објавено

на

Пред машката сениорска кошаркарска репрезентација е „балонот“ во Талин, поточно продолжението од квалификациите за Европското првенство.

Ние во ноемврискиот „прозорец“ ќе ги одмериме силите против Италија и Естонија на крајот на месецот, па репрезентацијата веќе се собра, ги започна подготовките кои ќе се одвиваат во Скопје пред да се замине во главниот град на Естонија.

-Амбицијата кај нас секогаш постои, затоа што се игра за репрезентација и за еден циклус од шест натпревари во кои нема многу време за тактизирање. Она што нам ни се случува овие денови, сигурен сум дека го чувствуваат сите. Единствено нешто што е сигурно во моментов е несигурноста поради пандемијата. Првиот циклус во февруари имавме само еден здравствен проблем. Направивме еден список од 12 играчи со кои ќе тренираме во Скопје, а другите ќе ги чекаме во Талин. Ќе имаме конечна слика по последните тестови.

-Ова е тешка ситуација за планирање. Во 2020 година во Европа секој игра кошарка, нема слаба селекција. Во која група и да бевме, со кого да се падневме, секој меч ќе беше тежок. Естонија ја има предноста кога е домаќин, но ние и така ќе моравме да одиме во Талин да победиме. И тие имаат свои проблеми, еднакво големи како нас. Во понеделник кога ќе допатуваме таму, кога ќе почнеме со тренинзи, ќе говориме поконкретно затоа што е втор меч. Италија има проблеми исто така, не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Кога ќе влеземе во тој „балон“ во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите.

-Па и ние ќе ги дознаеме своите адути и ќе може да планираме нешто повеќе како тактика и скаутинг за противниците. Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје и секој ќе си играше домашна лига. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, ФИБА оцени дека мора да се игра, така што ќе одиме да се надигруваме, -порача селекторот Александар Тодоров.

Искусниот Бојан Трајковски вети борба и квалитетен настап на престојните мечеви.

-Сите се тестиравме, моментално сме негативни, а по следното тестирање кое ќе биде последно ќе знаеме кој ќе замине за Талин. На следните два меча сакаме да ги надополниме двата порази од претходниот прозорец. Сите посакуваме позитивен резултат, затоа што сакаме да играме на Европското првенство. Што се однесува до Естонија, јас не играв на првиот меч, но го гледав дуелот и можам да кажам дека ќе биде доста неизвесно. Предност им е домашниот терен. Без разлика во какви состави ќе играат ривалите, ние сакаме да победиме. Тоа е нашата цел, -рече Трајковски.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни