Корт Нилсен победник на петнаесеттата етапа, водечката група недопирлива (Видео)

tdf-15

Денеска на велосипедската турнеја околу Франција, Тур де Франс, се возеше петнаесеттата етапа од ова натпреварување ридската етапа од Мијо до Каркасон.

Најдобар, на 181,5 километри долгата ридска етапа, беше данскиот велосипедист Магнус Корт Нилсен, кој во Каркасон пристигна за 4 часа, 25 минути и 52 секунди. Во финишот зад себе ги остави Шпанецот Јон Изагире и Холанѓанецот Бауке Молема, додека на четвртото место беше неговиот сонародник Михаел Валгрен, кој доцнеше 29 секунди.

Генералниот пласман повторно и по денешната трка остана непроменет, па водечката петорка остана на своето место без никаква промена во разликата меѓу себе. Жолтата маичка останува кај Герајнт Томас, кој досегашниот тек од натпреварувањето го помина за 62 часа, 49 минути и 47 секунди. На второто место е неговиот сонародник и тимски колега Крис Фрум, кој доцни 1 минута и 39 секунди, додека трет е Том Димулен од Холандија со 1 минута и 50 секунди заостанување. Примож Роглич остана четврти, а Роман Барде петти.

Утре учесниците на турнејата ќе имаат ден за одмор пред напорната планинска етапа во вторник, кога ќе треба да минат 218 километри од Каркасон до Бањер-де-Лишон.

Facebook Коментари