Поврзете се со нас

Македонија

Короната му ги смени плановите на Џуклески, па се утеши со вице-шампионска титула во Србија

Објавено

на

blank

Филип Џуклески е уште еден од „колонијата“ македонски возачи кои тркачката кариера ја продолжија во Србија и се борат со најдобрите автомобилисти од оваа земја за трофеите во класите на тамошното државно првенство.

Тој беше прогласен за државен првак на Македонија во првенството на ридски патеки за 2018 година, како и за вицешампион на првенството на кружни патеки за истата година, во бројна и силна конкурениција, но честите конфликти кои фрлаат сенка врз работењето на Автомобилистичката федерација на Македонија и него го инспирирале да се оттргне од средината во која не се почитува и вреднува успехот.

Во интервјуто за „Дерби“, Џуклески кој стигна до второто место во генерален пласман во таканаречената „хоби класа“ Е1, открива дека имал поинакви намери за 2020 година.

ДЕРБИ: Од каде интересот да продолжиш да возиш во Србија, каде што претходно до шампионски титули стигнаа возачи како Виктор Давидовски и Ристо Вуков?
– Оваа натпреварувачка сезона за мене лично требаше да започне со трката во Котор, Црна Гора, со ридско-планинска трка од календарот на ФИА ЦЕЗ (Централно Европска Зона). Во однос на финансиите (целосно лични) и плановите, пред да настане кризата со Ковид-19 вирусот, намерата беше да учествувам на седум од планираните петнаесет трки во календарот на ЦЕЗ за 2020 година. Како што се сменија глобалните планови на повеќе полиња, исто така и моите планови за настап на овие натпревари останаа само сон за некоја следна сезона. Сепак потребата за адреналин не остана скротена. Моето возило е подготвено за класата Е1-1200, а истата не е распишана во српските шампионати на ридски или кружни патеки, па затоа бев приморан да настапам во класата Е1-1400, каде што немав големи очекувања, но сакав што е можно повеќе да научам и да стекнам нови искуства.

blank

ДЕРБИ: Како дојде до промената наместо на ридски патеки да возиш во првенството на кружни патеки и да стигнеш до вице-шампионската позиција?
– Веднаш морам да кажам дека за сето ова добив огромна помош од колегата Димитриј Кимовски, кој ми укажа на се што беше потребно да направам и притоа истото да го завршам. Возилото како и во неколкуте минати години, во рамки на можностите го подготвувам во текот на есента и зимата. Српскиот шампионат на ридски патеки беше една опција, но логистиката за настап на истиот (поради здраствената состојба) беше отежната со затворените граници и прогласениот карантин. За разлика од ова, шампионатот на кружни патеки во Србија првично беше планиран да брои пет трки, кои би се возеле на една од најпознатите патеки крај Краљево (Берановац), а потоа уште неколку други: Бања Лука (Залужани), Чавле-Ријека (Гробник), Белград (Ушќе) и Мишелук (Нови Сад). Но, оние натпревари кои беа закажани на патеките надвор од Србија (Бања Лука и Ријека), потоа беа откажани. Останаа само три трки, како минимум за да има првенство. Ја пропуштив првата трка на Берановац возена во јуни, но бев подготвен на 13 септември кога се организираше трката на Ушќе. Трката ја завршив на втората позиција веднаш зад колегата Зоран Јаблиќ. Потоа се случи трката во Нови Сад да биде откажана, а на нејзино место заради завршување на сезоната беа закажани два натпревари на патеката во Берановац крај Краљево. Искрено, заминав без било какви очекувања. Патеката ја возев за прв пат, истата е сериозна, техничка патека на која се постигнуваат големи брзни, во некои класи и преку 220км/ч, а со самото тоа расне и ризикот кој не дозволува премногу „експериметирање“ во возењето, бирањето идеални линии и слично. Научив дека возилото и не беше баш најдобро подготвено за настап на гореневедената патека, дека треба да се работи на штелувањето и дека тешко ќе биде да се стигне до добри резултати. Некои работи едноставно мора да се искусат, односно не се учат од видео, ниту пак математички се пресметуваат. Во првата трка стартувавме петмина, а јас се пласирав на второто место, откако еден мој конкурент имаше дефект. Втората трка ја стартував од четврто место, возејќи со стари пневматици во квалификациите, а во неа доминираше мојот дуел со Милош Милошевиќ. Го престигнав на стартот, за подоцна во трката тој да ме престигне, а во финишот успеав да склопам најбрз круг и притоа да го престигнам, по што повторно завршив на второто место. Немам зборови да го опишам тоа чувство на неизмерна среќа, коктел од измешани чувства благодарение на таа некоја чудна хемија на хормони што ја видов „шаховницата“ на стартно-целната рамнина и знаев дека тоа е момент за уживање. Тоа ме донесе повторно до пиедесталот, на второто место и нови осуманесет бодови, доволни за вицешампионска титула во првенството на кружни патеки на Србија, во конкуренција од седум натпреварувачи.

blank

ДЕРБИ: Кои се твоите заклучоци по оваа сезона на „учење“ и дали ќе влијаат на плановите за иднина?
– Премногу е рано сега да се кројат планови среде овие кризни времиња, но дефинитивно сфатив дека сите кои вистински сакаат да се тркаат, немаат таква можност во Македонија, едноставно чарето да го бараат надвор, а во Србија за разлика од кај нас, нештата се одвиваат далеку подобро. Клубот „АМСК КВ Рејсинг“ ме прифати професионално, а исто така добив сесрдна колегијална помош од многумина како Бане Пауновиќ, Дејан Илиќ, Предраг Ламбаша, Александар Мирковиќ и уште многу други. Исто така заслужни за мојот успех се и оние кои ми помогнаа со подготовките како Благоја Јошески, Кристијан Василев, Дарио Бурагев, Дејан Саздовски и други, а на сите сум им бескрајно благодарен. Ми претставува посебна чест и гордост што во моментов сум единствен Македонец во српското првенство и успеав да стигнам до солиден резултат. Ако нешто нешто драстично не се промени, ќе продолжам со планот за настап на натпреварите од првенството на ФИА ЦЕЗ на ридски патеки, или пак, повторно со нови сили, кон подобри резултати со настап на првенството на кружни патеки во Србија.

blank

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни