Европски првенства
Коментар: Збогум Австрија, довидување во Египет!
Поразот од Австрија ја запечати судбината на Македонија на ова Европско првенство, каде што за прв пат го видовме новиот систем на натпреварување со две екипи кои продолжуваат во таканаречената „главна фаза“, наспроти досегашната пракса со три од четири репрезентации.
Ваквата промена е само една (од повеќето причини) зошто националниот ракометен тим доживеа рана елиминација, но сама по себе не е и пресудната. Уште пред поаѓањето за Виена на прес конференцијата од страна на предводниците беше потенцирано дека станува збор за мошне изедначена група, па и резултатот по првото полувреме меѓу Украина и Чешка (10:9) го потврди тоа. Да, вистина е дека де факто Македонија не оди натаму бидејќи не ја победи Австрија, но исто така е вистина дека ако ја победеше Чешка предвреме ќе ја завршеше работата. Вака, попусти останаа надежите дека можеме да го постигнеме саканото „одејќи по потешкиот пат“, иако конечно имавме подобро издание во второто полувреме, но исто така имавме и мошне послабо издание во првиот дел.
Ако го цениме настапот само според дуелот со Австрија би можеле да имаме погрешен впечаток, бидејќи Австрија во оваа група влезе од третиот „шешир“, но го освои првото место во групата. Имаше расположени играчи, беше домаќин на првенството и успешно ги казни сите кои ја потценија, вклучувајќи ги и носителите на групата – Чешка, кои загубија со 32:29. Неминовно, општ заклучок е дека подобра шанса за заверка на пласманот имавме со нашите стари должници – Чесите, кои благодарение на повредата на Лазаров во Хрватска 2018 година ни ја „украдоа славата“ и влегоа во дуел за пласман на 5 и 6 место. Во статистиката по три кола, имаме ист број на погодоци со нив, по 79 , но сме упатиле 18 удари повеќе (138:120) со што верувам дека сме покажале и повеќе потенцијал во нападот од нив. Одговорот зошто тие одат понатаму треба да го бараме во повеќето примени голови (осум повеќе од нив) и загубениот директен дуел.
Иако елиминацијата е болна, не се согласувам со преувеличувањата дека ова е некаков си крај на нашите ракометни успеси, напротив сега е моментот кога треба да се потсетиме на нашите силни страни! Данило Брестовац дебитираше во главната улога како селектор, откако претходно имаше искуство како помошник на Обрван. Селекцијата ја направи согласно подготовките и тука не гледам негова вина, особено што и главните протагонисти му изразија поддршка во процесот на трансформација на играта. Она што ќе биде многу посериозна задача за него е да ги направи потребните зафати за подобрување на националниот тим и да им се заблагодари на оние кои досега го давале својот максимум, но тој очигледно повеќе не е доволен – доволно е да се анализира статистиката од секој меч и тоа јасно се гледа.
Младите играчи полека ќе созреваат, но за тоа им е потребна поголема минутажа во клубовите каде што настапуваат. Постои нова генерација на играчи кои не треба да ја испуштиме од раце заради некои клубски политики, како претходно кога одеднаш ги снема Нелоски и Дрогришки. Имавме младинска селекција што беше шеста на Мундијалот во тунис 2017 година. Ракометната федерација е една од најуспешните во Македонија и ги овозможува сите предуслови потребни за настап на врвно ниво. Баражот за светското во Египет ќе биде голем тест, но истовремено единствен валиден за визиите на Брестовац за трансформација.
Александар Табаковски
-
Англија19 часа
Фудбалер на Јунајтед со нова разочарувачка вест: Боли што мора да го напишам ова…
-
Евролига23 часа
Белград ќе чека нова шанса, Ф4 турнирот во Евролигата првпат ќе биде организиран надвор од Европа
-
Светски првенства23 часа
ФИФА ги одреди шеширите за ждрепката за Светското клупско првенство
-
АТП20 часа
Мајката на Циципас: Ѓоковиќ е Босанец, но избрал да биде Србин
-
Шпанија20 часа
Барселона со „петка“ ја прекина лошата серија, фановите воодушевени од асистенцијата на Јамал (Видео)
-
Германија19 часа
Нојер го доби првиот црвен картон во кариерата на Куп дербито со Баер (Видео)
-
Англија24 часа
Мареска: Челси ќе доминира во Англија наредната деценија
-
Шпанија19 часа
Флик по триумфот на Барселона: Фала богу што дојде декември