Поврзете се со нас

Светски првенства

Коментар: Вујо му даде легитимитет на Лино да продолжи со „ремонтот“

Објавено

на

За „Дерби“ од Мец, Александар Табаковски

Поразите се болни, па макар и кога доаѓаат од светска велесила која завршила на 4 место на Летните олимписки игри. Најмногу боли загубената надеж, бидејќи сепак сме верувале дека можеме да играме за победа, а сме добиле лекција дека сме далеку од таа лига.

Од друга страна, поразите се поучни. Има што да се анализира, да се извлечат поуки и да се адресираат одредени нешта. На крајот од денот, на теренот играат седуммина од една страна и седуммина од друга страна. Во случајот на Македонија, кога игравме без голман, не беше доволно што игравме во нападот со 7 ракометари против нивните 6 во одбрана. Сите анализи за досегашното лице на „новата Македонија“ под раководство на Лино Червар беа слеани во една реченица што словенечкиот селектор Веселин Вујовиќ ја кажа по триумфот од 29:22 на светското првенство во Франција, изразувајќи притоа задоволство од играта во одбраната на неговите играчи: „Дури сега разбирам зошто Лино инсистира да игра со 7 играчи на 6! Во еднаква ситуација (6 на 6), тие би немале шанси и веројатно би поминале полошо од сега“!

Овој пораз доаѓа откако во претходните два натпревари на овој Мундијал македонската репрезентација постигнуваше по 30 и повеќе голови, а Словенија беше првиот голем тест. Со нив игравме на минатото светско првенство во Катар, каде што загубивме во порамноправни околности со 30:28. Словенија на крајот беше рангирана осма, а Македонија деветта.

Од тогаш, двете селекции на свој начин беа преструктуирани: Вујовиќ дојде на кормилото на Словенија во мај 2015 година, а Червар една година подоцна ја презема Македонија по фамозниот олимписки турнир во Гдањск. Вујовиќ им се заблагодари на многумина возрасни играчи како Гајич, Шкоф, Зорман и направи тим кој има просечна возраст од 25,6 години и е најмлад во Група Б. Споредено со ростерот од Катар, Словенија сега имаше само четири имиња (Вид Кавтичник, Јуре Доленц, Матеј Габер и Марко Безјак), додека Македонија има осум исти играчи (Кирил и Филип Лазаров, Никола и Велко Маркоски, Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов и Филип Миркуловски). Рака на срце, нашата стартна постава со исклучок на голманската позиција е речиси идентична, а резултатот упатува на многу поголема еволуција кај противничкиот тим. Игравме две идентични полувремиња во кои постојано ја чувствувавме надмоќта на противникот кој постојано ја зголемуваше предноста.

Да го земеме примерот на Стојанче Стоилов, кој во новиот систем на игра не се ротира, туку сега е играч со најголема минутажа на теренот. Покрај тоа, постигнува многу повеќе голови бидејќи во играта со двајца напаѓачи на линијата од 6 метри, такви можности се отвораат. Во неофицијален разговор со него му реков дека делува како да игра во животна форма, а тој ме корегираше дека е позадоволен од она што го играл пред 6 години на Европското првенство во Србија.

Тоа ме води кон размислувањето дека ова не е случај дека нашите повозрасни ракометари заборавиле да играат или дека не знаат да ги спроведат во дело замислите на Червар, туку дека нивниот зенит е достигнат. Тие станаа македонски легенди и како такви треба да ги паметиме и негуваме. Најголема корист од нив треба да имаат помладите играчи кои имаат можност изворно, од прва рака, да учат од најдобрите, па во иднина да се покажат можеби помалку лежерни од Никола Маркоски или со поголема способност да ја зачуваат концентрацијата отколку Дејан Манасков.

Червар го започна процесот на подмладување на репрезентацијата и сега добива легитимитет да продолжи со „ремонтот“. Несреќна околност е што се повреди Филип Кузмановски, но секако дека тој заедно со Филип Талески, Марко Нелоски, Стефан Дрогришки, Мартин Поповски мора да добиваат се поголема минутажа за да дојдеме до еволуција без големи резови. Компромисот секогаш е тука бидејќи како мала земја немаме преголем фонд на играчи, но токму примерот на Словенија може да ни биде извесен лајт мотив.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни