Коментар: Трката во Скопје беше успешен проект и покрај сите маани

Skopje krug 2017-2

По седум години во Скопје се одржа трка на кружни патеки која собра околу 30 илјади луѓе што дојдоа да ја почуствуваат позитивната енергија која што овие натпревари ја носат, а која што оние кои биле сведоци на зачетоците на македонскиот автомобилизам ја знаат од пред две децении.

Трките во Македонија го допреа дното по раздвојувањето на Автомобилистичката федерација на Македонија, откако таа беше основана од 11 клуба, па проширена со шест клуба кои потоа ги исклучија основачите врз основа на прекршок за ненавремено платена членарина. Од тогаш се случува парадокс, АФМ го има легитимитетот, но нема возачи и трки, додека другите клубови организираат свои настани кои не можат да бидат во склоп на државното првенство.

Сагата трае долго време и секоја страна инсистира на својата приказна. Сепак, за волја на вистината во светот не се сите трки под капата на ФИА. Најпознати примери дека приватните трки се успешен проект претставуваат настаните од ДТМ, БТЦЦ или ТЦР.

Повеќе од јасно е дека ако АФМ не успеа да организира државно првенство седум години, ваквите спортски натпреварувања водени од приватни промотери на кус рок ја претставуваат иднината на македонскиот автомобилизам. „Скопје круг 2017“ покажа дека има натпреварувачи, има и заинтересирана публика, а и има организациски кадар кој од натпреварувачки аспект направи трката да биде регуларна и безбедна.

Несреќата се случи на самата асфалтна патека и претставува тркачки инцидент кој што се случува и во најразвиените форми на мотоспорт (во Формула 1 загина редар кој беше погоден од пневматик иако стоеше зад заштитната ограда), а за инциденти кои инволвирале возачи има безброј примери. Александар Димушевски како директор на трката е тој кој што диригира со неа и има право да биде таму каде што е потребно според сопствена проценка, а во конкретниот случај ја имаше таа несреќа да не го забележи автомобилот кој поради дефект налета на него.

Јас како новинар сум присуствувал на преку 50 трки од Формула 1 и уште толку од други форми на мотоспорт, а уште при подигнувањето на акредитацијата потпишувам документ дека ја ослободувам ФИА од одговорност доколку се случи нешто на патеката додека ги извршувам професионалните обврски, дека прифаќам дека мотоспортот е опасен и инцидентите се случуваат кога најмалку може да се очекуваат и кога и сите безбедносни стандарди се исполнети.

Меѓутоа тука се работи за рестартирање на македонскиот автомобилизам кој стигна до нула и сега од нула треба да се подигнува нагоре.

Александар Табаковски

Facebook Коментари