Поврзете се со нас

Светски првенства

Коментар: Три напред, две назад, ракометниот „параход“ фрли сидро во водите на иднината!

Објавено

на

За „Дерби“ од Албервил, Александар Табаковски

Македонската ракометна репрезентација го заврши настапот на Светското првенство во Франција кој го обезбеди „низ иглени уши“ во баражот со Чешка. Спортската јавност уште еднаш со целото свое срце пулсираше и живееше за ракометот, па дури и вестите кои беа пишувани на оваа тема почнаа да ги соборуваат рекордите поставени од оние за Роналдо, Мурињо…

Во целата ситуација најголема мистерија беше играта на националниот тим, која што селекторот ја редизајнираше според сопсствениоте наоѓања. Системот „7 на 6“ кој беше избран да ги реши нашите проблеми во нападот донесе одредени резултати, но по извесна цена и дестабилизација на одбраната. Не е спорно дека така можат да се дадат повеќе голови, спорно е дека така се примаат исто така многу голови. Во отсуство на успешен репер, на кој би можеле да се потпреме за да направиме паралела, тешко е да се замисли друга издржана компарација. Едноставно, со текот на времето, резултатски назадувавме, па недостатокот од свежината во нападот значеше дека противниците лесно не „читаат“. Оттука, селекторот избра систем кој е острица со две сечила.

Голема е веројатноста дека ако не се сменеше ништо, немаше да се надеваме на нови победи, но во случајот ние успеавме да го победиме само Тунис, бидејќи разликата во класа со Ангола сепак е преголема. Од Тунис загубивме во април, но го победивме пред две години во Катар, па оттаму и тоа не дава најјасна слика. Ремито со Исланд е нешто за што пред се мора да им се симне капа на играчите за пресвртот, но најдобро од се е што со нив не очекуваат два натпревари во квалификациите за Европското првенство 2018, па ќе имаме вистинска евалуација.

Червар на завршната прес конференција упати на тоа дека вистинскиот рецепт е „од се по малку“ и дека е задоволен од постигнатото. Она што никогаш нема да го знаеме е колку тој „претера“ во своите експерименти, но од друга страна, спортот не е теорија и нема многу шанси замислите да се реализираат во пракса без да се испроба во вистински, реални услови. Публиката секогаш сака и очекува повеќе, па тешко дека може отпосле да се помири со реалноста, особено ако во првото полувреме се имаа нереализирани зицери кои можеа да значат водство, а во второто полувреме се нема сила во финишот.

Она што требаше да биде наш најголем капитал по овој Мундијал, е искуството на младите играчи. Сепак, ценам дека во компетитивната околина наметната од новиот систем, тие не добија голема минутажа, односно можеа да играат повеќе. Факт е дека мора да се подмлади тимот, но доколку Талески, Нелоски, Дрогришки и Поповски играа повеќе, ќе знаевме и на што можеме да се надеваме во иднина од нив. Надополнети со Кузмановски, тие се јасна слика за костурот на идната национална селекција. Не смее да се остане без благодарност до искусните Миркуловски, Лазаров, Манасков, Георгиевски, уште повеќе до оние кои ги дадоа животните партии на овој Мундијал: браќата Маркоски и Столе Стоилов, но и до сите играчи кои заедно со нив тренираа и им беа на располагање во поширокиот состав.

Иднината ќе даде своја верификација за сите промени, нови текови и потези кои сега ни се чинат неразбирливи. Ако стерилноста во резултатите ја предзвика лавината промени, тогаш мора новите резултати да покажат напредок. Квалификациите за ЕП ни носат дуели со Украина, Чешка и Исланд, па во прва рака токму тие резултати ќе претставуваат натамошна евалуација на ракометната еволуција. Овој пласман воопшто не е лош, но најдобар е ако го гледаме како добра почетна точка за поголеми дострели!

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни