Коментар: Тивка вода брег рони! Словенците тепаа, но беа „тепани“!

stoilov megju trojca

Од Загреб за „Дерби“,
Александар Табаковски

Македонија славенички започна на Европското првенство во Хрватска, освојувајќи ја својата шеста победа во историјата против фаворизираната Словенија која на последното Светско првенство во Франција се закити со бронзениот медал.

Иако навивачката еуфорија е забележлива насекаде, и во Загреб, и во Македонија, и на Интернет мрежите, факт е дека резултатски натпреварот беше мошне изедначен. И двете страни имаа свои лоши периоди, Македонија на стартот од првиот, а Словенија на почеток од вториот дел.

Капитенот Лазаров детектираше дека ваков натпревар не се добива со млади играчи, туку со искусни, кои ќе знаат да се справат со предизвикот. Далеку од тоа дека Словенија игра лошо, но во неколку наврати нивните играчи демонстрираа тепачки манири кои не се достојни за спортските борилишта. Ако се потсетиме што се случуваше за време на пријателските натпревари со Хрватска во октомври, или како Ник Хенигман се обиде да му го смени личниот опис на Стипе Мандалиниќ, ваквиот расплет беше сосема очекуван.

Ракометната јавност знае да извади бисери давајќи им прекари на некои играчи или тимови, па така ние го имаме „македонскиот бомбардер“ Кирил Лазаров, Хрватите го имаа „ракометниот Моцарт“ во Ивано Балиќ, но сега официјално ги имаме и „касапите од Триглав“. Може Вујовиќ да зборува што сака за судиите, впрочем на тие што губат дозволено им е да се лутат.

Со „ќотек“ може да се исплашат помлади и несигурни играчи. Нашите репрезентативци во најголем случај се искусни волци кои вакви ситуации имале многу во својата кариера. Судиите од почетокот демонстрираа остар критериум и не дозволија грубата игра да ги надмине границите на дозволеното.

Еве што велат фактите: Словенија имаше 11 исклучувања, од кои седум во првото полувреме. Седум пати без играч на две минути даваат 14 минути или половина полувреме. Оттука, ако Лино Червар беше амбасадор во играта „7 на 6“, Веселин Вујовиќ како предводник на оваа „касапска чета“ може слободно да биде прогласен за „лузер на годината“ бидејќи неговиот тим игра „6 на 7“ што воопшто не звучи просперитетно. Обратно од ова, Македонија ја имаше публиката за свој осми играч и успеа да се врати во игра и покрај почетното водство на Словенија. Таквата сериозна и зрела игра, надополнета со „будењето“ на стрелците во второто полувреме, покажа дека е добар против-отров за бурниот почеток и правење пресврт.

Спартанската поговорка вели дека „кој за копје ќе се фати, од копје и ќе загине“. Словенците се изгореа од сопственото „оружје“, како да немаа втора варијанта освен „касапската“, со која ќе ја надиграат Македонија. Може да го толкуваме тоа како отсуство на самодоверба при големиот број повредени играчи, но на крајот е сосема небитно. Не успеаја да ја наметнат таа своја игра во тек на сите 60 минути и на крајот мораа да се соочат со поразот.

Филип Талески во изјавата за „Дерби“ предупреди дека на овој начин, Словенија тешко дека ќе може да се надева на успеси во втората фаза. Нашите погледи сега се свртени кон дуелот со Црна Гора, а уште една победа ширум ќе ни ги отвори вратите кон висините кон кои тежнееме.

mesarite od triglav

Facebook Коментари