Поврзете се со нас

Светски првенства

Коментар: Продолжуваме! Червар не ветува ништо (ама го исполнува)!

Објавено

на

За „Дерби“ од Мец, Александар Табаковски

Македонија успешно ја мина првата фаза и се пласираше во втората, каде низ елиминациски натпревари ќе го бара својот пласман во светската ракометна елита на јубилејниот (25) ракометен Мундијал што се одржува во Франција.

Поглавјето во Мец е затворено со нерешениот резултат против Исланд, иако можеме и да жалиме за пропуштената победа, но и да се радуваме затоа што не претрпевме пораз. Имавме предност од четири разлика на стартот, но противникот водеше со пет разлика на 15 минути пред крајот. Драмски заплет, а пресвртницата – епска! Примивме осум гола од брзи контри, односно со дестабилизирање на одбраната по форсирањето на нападот „седум на шест“, за кој декларативно добиваме изјави дека им прави проблеми на противничката одбрана. Нормално, на официјалната прес конференција, Червар прво ги пофали своите играчи, а потоа им порача дека „не смееме да прокоцкаме таква предност во волку важни натпревари“.

Факт е дека играта со двајца пикери во напад е тешка за бранење, но бумеранг кармата е исто така непобитен елемент. Изјавата на капитенот Лазаров дека „Господ нѐ спаси“ е индикација за високата цена. Кога го соопштуваше составот што ќе патува во Франција, Червар порача дека не се туркал за да стане селектор и дека од негова перспектива на Македонија и е потребно освежување. Без притисок за младите и без императив за пласман беше основната порака при поаѓањето на подмладената македонска репрезентација. Идеална комбинација од „нула одговорност“ во игрите без граници кои можат да се наречат и „експерименталистички егзибиционизам“. Играчите се трудат, па дури и Червар знае да спомне колку се мотивирани и послушни на тренинзите, но дали е реално тоа што се бара од нив? Ако е реално, зошто Червар не сака да дава ветувања, туку отпосле наздравува за успехот?

Во групната фаза, можеби постоеше можност за надополнување, ако нешто се пропушти во еден натпревар, да се надомести во друг. Следуваат елиминациски рунди во кои ние најпрвион играме со Норвешка која ни е „должник“ од Европското првенство во Полска, а доколку успееме да ја шокираме, ќе го чекаме подобриот од дуелот на Данска и Чиле (втората репрезентација вечерва би требало да слави над Саудиска Арабија за да го потврди пласманот). Со други зборови: Норвешка е четврто пласирана на последното европско првенство и беше поразена од Германија во борбата за финале со 34:33, додека Данска летово го освои олимпиското злато во Рио. Репрезентации достојни за голем респект, против кои како што често упатува селекторот, треба да се игра и со срце и со глава. По пет натпревари во Мец, се уште немаме јасна дефиниција околу „играњето со глава“, па можеби студениот алпски воздух во Албервил ќе ни помогне да ги избистриме мислите!

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни