Коментар: Она кога првенството баш и не е првенство

facepalm statua

Секоја федерација во Македонија има обврска да организира државно првенство со цел на спортистите кои го избрале тој спорт да им даде шанса да влезат во системот на натпревари и во рамноправни услови за сите да се избере оној што е најдобар, најдобро подготвен и во дадениот момент постигнува резултати на кои другите можат да му позавидат.

Но, не секоја федерација располага со услови за одржување натпревари (како на пример што не постои авто-мото патека во Македонија), или пак поради некаков талог од минатото имаат блокирана сметка (а такви се повеќе). Во најголем случај страдаат оние спортови што се најмалку комерцијално атрактивни, а во светски рамки се престижни олимписки спортови (пливање, борење, одбојка, шах).

Овој пат фокусот е на шахот и на штотуку завршеното Отворено првенство на Македонија, на кое за прв пат триумфираше странски учесник. Триумфот на Ѓорѓи Филев воопшто не е спорен, тој освои 7 од 9 бода и заслужено го освои првото место на турнирот. Проблемот е како федерацијата сега да прогласи државен шампион, бидејќи досега (од 2012 година наваму) на вака организираното првенство, победуваа македонски шахисти. Многу логично, сите учесници спортски ќе му пружат рака на најдобро пласираниот македонски шахист, во случајов Никола Николовски, и ќе му честитаат дека бил најдобар меѓу нив, но тој формално правно нема да биде запишан во историските книги како Шампион на Македонија. Статутот на шаховската федерација има точна дефиниција како да се организира државно првенство, а со тоа и да се добие шампионот.

Дополнително, ваквиот „опен турнир“ како замена за класично државно првенство „по Бергер“ не им е по мерак на сите шахисти. Дури би можело да се рече дека мнозинството го игнорира. Од актуелната листа на најдобри 15 играчи на Македонија според рејтинг во август 2017 година, на последниот турнир играа само пет (Панчевски, Станојоски, Богдановски, Данчевски, Николовски) . И за тоа постојат повеќе причини: ако претходно државното првенство се играше во Струга, каде што оној што не можеше да си дозволи хотелски пансион имаше шанса да дојде и да игра наоѓајќи приватно сместување, со трансферот на турнирот на охридската ривиера и на дистанца од градот, сепак им се скусија опциите на шахистите кои сега се најдоа во ситуација за своето учество на турнирот да платат цирка 30 илјади денари ако сакаат да бидат сместени во хотелот каде што се игра и да се фокусираат на својот настап. А наградата за првото место едвај го покрива тој трошок, веќе второпласираниот е „во минус“ ако очекувал да ги покрие трошоците за сместување со наградата.

Оттука има многу нејаснотии зошто се инсистира првенството да се игра кога е шпиц на туристичката сезона и во скап хотел каде што сметката ја плаќаат играчите. До 2011 година, државното првенство се играше „на повик“ и организаторот (во случајот федерацијата) покриваа трошоци, а играаа најдобрите шахисти селектирани по различни основи (најдобри три играчи по рејтинг, најдобри три од претходното првенство, победникот од младинскиот шампионат, тројца од квалификациски турнир). Ако Охрид е туристички бисер и дефинитивно е најскап, зошто првенството не се игра во Преспа, Дојран, или пак можеби на Маврово или на Попова Шапка? Угостителски капацитети постојат секаде, во секој град.

Без најдобрите претставници на спортот легитимитетот на натпреварувањето веднаш се оспорува. „Опен турнирите“ се играат според „швајцарски систем“ и селекцијата на противниците се прави со посебни алгоритми, но во секој случај можни се сценарија еден играч да игра со странски играчи, а друг воопшто да нема такво искуство, што секако не звучи рамноправно во борба за државната титула.

Едноставно, сите опции се поедноставни кога државното првенство е навистина организирано онака како што налага Статутот и онака како што треба да биде верифицирано од страна на повисоките спортски тела како Агенцијата за млади и спорт и МОК, кои натаму би требало да ги вклучат најдобрите поединци во меѓународната програма за настап на европските и светските првенства, како и шаховските олимпијади. Во кризни моменти, кога не е возможно да се организира првенство со најдобрите шахисти „на повик“, може да се донесат акти и да се смени Статутот, се со цел да се направи легитимен шампионат со помал број играчи, со помалку трошоци, со скромни награди. Носењето на таквите акти не бара одблокирање на жиро сметката, туку позитивен пристап кон македонскиот шах. Не толку одамна, важеше правилото дека согласно пласманите на државното првенство се бира и репрезентацијата.

Државната титула нема цена, иако легитимно е секој победник во секое натпреварување да добие премија за освоениот трофеј. Во шахот, слично како кај тенисот, сумите за награди се однапред познати, но во ситуацијата сметам дека на нашите играчи им фали турнир за титула, а за парична награда можат да играат буквално секаде.

Александар Табаковски

Facebook Коментари