Поврзете се со нас

Лига на шампиони

Коментар: Нешто ќе те питам, Сергеј

Објавено

на

Со затворањето на гласачките кутии на денот на претседателските избори, се дава простор и за поинакви коментари околу чинот на Сергеј Самсоненко, кој во квечерината на настапување на изборниот молк реши да активира „бомба“ во ракометниот свет.

Избраните зборови во изјавата на Самсоненко упатуваат само на недостаток на пари, а не и на желба за раководење. Тој децидно наведува дека „од седумте години поминати во ракометот за жал изминува веќе третата година …“ каде што лично го финанисира клубот.

Мене не ми е познато какви извори на финансирање имаат некои тимови како Нант, Монпелје, Пик Сегед или Кјелце – но сигурен сум дека нивните сопственици не излегуваат во јавност со барања други да им даваат пари. Најчесто, го дефинираат својот буџет една година порано и работат да извадат максимум од него.

За Самсоненко можете да напишете се, освен дека е непромислен. Рускиот бизнисмен покажа во изминатите години дека точно знае што прави, и дека знае да подигне тим на ниво потребно за европски шампион. Фер би било да се каже дека заслугите за европските успеси на Вардар се и негови, не само на играчите. Нашата публика во црвено-црниот дрес виде легенди како Арпад Штербик, Игор Карачиќ, повеќемина Шпанци меѓу кои и најмладата ѕвезда Душебаев…

Од друга страна, имаше најмногу еден македонски играч на теренот, Столе Стоилов, а исто така само еден играч од подмладокот доби поголема шанса во првиот тим, Мартин Поповски. Очигледно дека тој имаше одврзани раце за „проектот Вардар“ и ги спроведуваше своите замисли водејќи се од макијавелистичката логика дека целта ги оправдува средствата., и притоа беше патриот само кога се кажува дека ова е тим од Македонија. Ако се сетиме претходно, еден Металург во кој што играа Мојсовски, Миркуловски, Георгиевски и другите – го патосираше Париз Сен Жермен како најскап клуб во моментот!

Оттука, неговата недоверба во ангажирање и подигање на македонски играчи на долг рок доведе да биде истрошен од давачките за големите ѕвезди. Гонзалес еднаш во интервју за „Дерби“ кажа дека Вардар не е тука за да работи со млади играчи, туку со најдобрите на светот, но ме копка од денешен аспект каков би бил одговорот на Сергеј?

Кога ќе се сублимира сето тоа, не останува многу простор за дилема. Како потписник на оваа колумна оставам простор дека ваквата „игранка“ би можела да биде и нешто повеќе отколку критика до актуелната власт дека не го помага РК Вардар. Имено, единствена причина поради која верувам дека одлуката на Самсоненко не е само политички инспирирана, е настанот од пред две години, кога неочекувано се појави на прес конференцијата пред мечот со Флензбург, за да се закани дека ќе го напушти РК Вардар поради сомневања во делегираните судии, дека ЕХФ не ги ценела неговите напори итн.

Епилогот е познат, Вардар го мина германскиот тим и замина на „Фајнал 4“ турнирот во Келн како аутсајдер, а се врати со трофејот. Но, освен претседателските избори има и друг битен тајминг, двомечот со Пик Сегед за пласман меѓу најдобрите четири екипи од Стариот континент во 2019 година. Едноставно, не можам да се оттргнам од впечатокот дека со ваквата најава се намамуваат противниците во психолошка војна дека им претстои веќе добиен меч, а потоа „да се удават во матниот Вардар“.

Искрено се надевам дека дел од старата магија би можела повторно да профункционира во полза на РК Вардар, па макар и за разделба.

Александар Табаковски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни