Коментар: Меѓу „апетит за деструкција“ и величенственост

manaskov od krilo vs CG

Од Загреб за „Дерби“
Александар Табаковски

Не е фраза кога ќе се рече дека на европските првенства е потешко отколку на светските, бидејќи вистината е дека на Стариот континент постои концентрација на квалитет во речиси секоја бранша. Без оглед дали станува збор за пливање или ракомет, јасно е дека нема друг континент како Европа каде што постои таква жестока конкуренција на спортските терени.

Исто така не е далеку од вистината дека поранешната „југословенска школа“ која негуваше квалитетен ракомет се уште е фактор и во континентални и во светски рамки, особено кога ќе се види дека 5 од 6 екс ју републики играат на ЕХФ Еуро 2018. Има ли потешко од тоа да играш со некој што добро те познава, па дури и нивниот селектор ја водел нашата репрезентација, иако пред неколку години, но со мошне сличен состав.

Сепак, во овие два случаи со Словенија и Црна Гора успеавме конечно да мрднеме од „мртва точка“ и да бидеме ние меѓу оние што ќе слават поведа, додека другите ќе мозгаат зошто и како не го добиле тесниот и изедначен натпревар. И во двата случаи ние бевме оние зрелите, против релативно помлади тимови, кои иако се успешни, за искуство како она на Македонија имаат „уште фурни леб“.

Пред само две години капитенот Лазаров констатираше дека „не можеме без драма“ и дека сме „за белја родени“, а таквата карма реално се уште не следи, иако се чини дека алката што недостигаше сега освен што е дел од сплетот, на истиот му дава и дополнителна цврстина – Раул Гонзалес. Ненаметливиот Шпанец како во вестерн филм, „дојде тивко и влезе во легендите“ менувајќи го нашиот концепт од „апетит за деструкција“ во созреана брилијантост.

Под негово водство имаме долг и стрплив напад, а статистички наредуваме и со контрите. Против Словенија во реализацијата имавме 3 од 4 контри, а против Црна Гора, реализиравме 7 од вкупно 7. Дали тоа беше клучниот момент за двете победи? Се уште е рано да се тврди, но статистиката оди во наша полза.

Генерално, на двата натпревари има идентичен број на акции – 99. Против Словенија, Македонија имаше 50:49 и постигна еден гол повеќе во мрежата на Скок. Со Црна Гора ситуацијата беше обратна, тие имаат 50:49, но ние реализиравме 29:28 во натпревар каде што на ниту една страна голманите не заблескаа во доминантен стил.

Сега кога словенечкиот концепт се наметнува со кодно име како „апетит за деструкција“ и е подеднакво совршен кога тие ја играат својата игра, ние се движиме „чекор по чекор“ и со „максимална концентрација“. Според изреката на Вуди Ален, „единственото нешто што стои на патот меѓу мене и величенственоста, тоа сум самиот јас“. Вујовиќ на прес конференцијата призна дека имал две непроспиени ноќи, а се чини дека му претстојат уште две, очигледно тој „апетит за деструкција“ си го зема данокот на таков начин.

Македонските репрезентативци досега демонстрираа дисциплинирана игра и немаат проблеми со несоницата. Што друго да се каже освен на нашите да им посакаме инспиративни соништа за претстојните натпревари со Германија, Шпанија, Данска…

Facebook Коментари