Поврзете се со нас

Светски првенства

Коментар: Македонија повторно верува во ракометни чуда!

Објавено

на

Забележав дека ми е невообичаено тешко да го започнам овој коментар, барајќи ги вистинските зборови и одмерувајќи чесно и од дистанца што е она што треба да биде кажано. Теоретски, кога треба да се пишува после слаб настап, полесно е да се разврзе за она што било или за она што не било на потребното ниво, со конструктивни нотирања на слабостите и повик за анализа, со цел да се оди кон подобро.

И еве, сите сме свесни дека дојде она подоброто. Но од каде да се почне? Еве, од Кирил Лазаров на пример. Сум слушнал за себе дека сум бил „човек на Лазаров“, а еден поранешен директор на репрезентацијата ми го кажа тоа директно како „оценка за мојот профил“. Благодарение на неговата влијателност и информираност, верувам дека некој навистина ги следел коментарите во минатите години и ми закачил таква лепенка, за која искрено до тогаш не бев свесен. Манијата да се делат луѓето на „наши“ и „ваши“, очигледно не ги заобиколила ниту ракометните кругови, но барем во одредени моменти ми било драго дека други ракометни „првоборци“ се имаат согласено со размислувањата, ставовите и конструктивните забелешки кои сум ги споделувал во претходните текстови.

Меѓутоа навистина не гледам друг начин освен овој коментар да го започнам со тоа дека Кирил Лазаров имаше комфорна позиција на легенда во ракометниот спорт и не мораше воопшто да се зафаќа со проект кој можеше потенцијално да му го уништи перфектното „си-ви“. Истрпе многу критики, повеќе пати беше пишувано дека нема гаранција дека од добар играч ќе порасне во добар тренер, како и дека форсира извесни играчи. Неговиот пристап за играње „скандинавски ракомет“ беше предмет на анализи, затоа што трауматичната смена на генерациите во машката ракометна репрезентација ни беше тема на опсервација неколку години по ред, откако во периодот од 2009 до 2018 година на дело го следевме пикот на претходната генерација. Имајќи предвид какви легенди станаа и Лазаров, и Борко Ристовски, Столе Стоилов и останатите, тешко беше да се замисли дека во една малечка земја може да се одржи квалитетот на играчи од ваков калибар. Имам впечаток дека не бев единствен кој имаше проблеми со таквата „не многу храбра фантазија“, но драго ми е што сум демантиран во пракса, па макар добил повторно разни лепенки.

На ова светско првенство не отидовме како порано, со убедливи победи во бараж натпреварите. Напротив, имавме мошне комплициран пат и на крајот преку двомечот со Фарските Острови беше запечатен пласманот. Со исклучок на реванш натпреварот во Скопје, ништо друго не укажуваше на можноста да го видиме посакуваниот прогрес. Но сепак, ако се дистанцираме од светското во 2021 година каде што селектор беше Брестовац, и ги погледнеме резултатите од мондијалот во 2023 година, напредокот е лесно воочлив.

Во двата случаи игравме во група со Холандија, како своевидна „константа“ и репер за нас. Тие и тогаш беа втори во групата (зад Норвешка од која загубија), а на крајот беа рангирани на 14 место. Тогаш во втората фаза го победија Катар, а загубија од Германија и Србија. Овој пат беа втори зад Унгарија (од која што загубија, а со која ние игравме нерешено), а во главната рунда тесно го победија Катар и загубија од Франција, а играа нерешено со Австрија (како и ние). Не би сакал да го споменувам судењето на овој натпревар (иако со ова де факто го спомнав), но не паметам дека РФМ во минатото реагирала после некој натпревар и после некое судење како што реагираше после натпреварот со Холандија (оваа година) кој го загубивме со пет разлика (пред две години имаа 10 голови предност). На крајот се рангирани на 12 место, а ние на 15 место. Да не заборавиме, ние во 2023 година немавме ниту еден бод во група, игравме во „Президент Куп“ и завршивме на 27. место (со пораз од Тунис, но благодарение на победите над Алжир, Мароко и Јужна Кореја).

Било да го гледаме поединечно нашиот настап, или компаративно со Холандија како репер, не може да се негира напредокот. Фактот дека дојдовме до шанса за пласман во четвртфиналето е позитивно нешто, иако да бидеме искрени, не одлучувавме сами за својата судбина и мораше да ни се погодат резултатите од некои други стредби. Тоа пак, не е нешто што треба да го пренагласуваме, туку да го анализираме: ако претходно забележавме победи во натпреварите во кои игравме нерешено, ситуацијата ќе беше поинаква. Да, тоа е показател дека можеби се уште недостига зрелост, но работите се на подобар пат (од реваншот со Фарските Острови наваму).

Лазаров не беше сам во овој проект, бидејќи ја имаше сесрдната помош од раководството, од стручниот штаб, а и играчите беа поблиску до нивото кое се очекуваше од нив. Би рекол дека доказ за тоа можат да бидат бројки за загубени топки, технички грешки, но и фактографијата за примени и постигнати голови. Она што често сме го слушале и во минатото, и не само кога е во прашање ракометната репрезентација, е фактот дека кога се носи националниот дрес одговорноста за прикажаното на терен е многу поголема. Кузмановски одигра првенство за паметење, но големи играчи се оние кои можат да се пофалат со повеќе такви настапи и најбитно од сѐ ќе биде да се види континуитет во тоа високо ниво, бидејќи на крајот од денот „тоа е она што ги одвојува момчињата од мажите“. Поголема зрелост во играта имаше, но уште има простор за поголем напредок и за „бркање“ на подобар пласман од 9. место во 2015 година. Непишано правило е дека учениците треба да бидат подобри од учителот…

Овој резултат засега ќе го смири сомнежот во патот по кој тргна Лазаров, бидејќи доби одврзани раце и целосна поддршка од претседалот Мукаетов, кој воедно му го довери и проектот со „клуб-репрезентација“. Барем до следниот циклус нема да се сомничи изборот на играчи, да се доведуваат во прашање приватните конекции. Какви и да направил грешки во минатото, сега има покритие да продолжи. Но, сакам да повлечам паралела со завршната сцена од долгометражниот цртан филм „Немо“, во која рибите од аквариумот работат на „бегство од затворот“, а кога еднаш ќе се најдат во водите на океанот, ќе си го постават прашањето „А сега што“?

Шаховскиот велемајстор Гари Каспаров во својата книга „Како шахот го имитира животот“ потсетува дека „конфликтите се неизбежни“, па така многу брзо ќе уследат нови настапи, а според него само добриот стратег ќе размислува во паузите како да најде начин да стигне до подобри резултати. Тој тоа го илустрира со одлуката на Черчил да го пензионира Адмиралот Џон (Џеки) Фишер, кој барал развој на подморниците во мирнодобско време, за потоа да го реактивира откако војната започнала.

Светотот на спортот е суров и често слушана фраза е дека си добар колку што е добар твојот последен резултат. Не треба да се оди премногу далеку: примерот на Португалија која неколку години наназад напредува со своите ракометни постигнувања може да биде предмет на анализа како случај што нема „корен“ во традиционалните ракометни средини.

Македонската ракометната приказна ќе продолжи со нови заплети, но во овој случај добрите вибрации надвладејуваат. Враќање – нема! Би ја парафразирал оценката што на социјалните мрежи ја напиша поранешниот спортски новинар Игор Филевски – Филе, дека овој пат е поважно тоа што „ракометарите го освоија местото во нашите срца“, отколку сувопарно да се држиме до табелите и бодовите. Македонија повторно верува во чуда!

Александар Табаковски

 

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни