Поврзете се со нас

Европски првенства

Коментар: Каде што е тенко, таму се кине!

Објавено

на

Една победа и еден пораз можеби не е најпосакуваниот резултат по двата одиграни натпревари на Македонија, но дефинитивно е реален.

И во мечот со Украина имавме исклучително слабо второ полувреме (полувреме 13:10, конечен 26:25), што реално го отсликува падот на одбранбените сили (примени 15 гола во вториот дел или 50% повеќе отколку во првото полувреме). Чешка ја скротивме подеднакво добро (полувреме 11:9), но добивме двојно повеќе погодоци во нашата мрежа за вторите 30 минути.

Данило Брестовац ја лоцираше вината во слабото отворање на вториот дел кога Чесите имаа пресврт од 6-1. Искрено, тешко е да не се посочи со прст на тој период од играта кога од два гола предност се соочивме со водство на противникот од 15:12, но сметам дека не треба да заборавиме дека во три наврати изедначувавме (од 22:18 до 22:22, за потоа да играме гол за гол на 23:23 и следствено 24:24). Не смогнавме снага за конечен пресврт, тогаш кога Чесите беа ранливи, а потоа тие се „вратија“ соземени за финишот и конечни 27:25.

Старата поговорка дека „една нишка се кине онаму каде што е најслаба“ во литературата е именувана како мудрост од баскискиот народ. Од друга страна, шкотскиот филозоф Томас Рид е цитиран како зачетник на она што е денес идиом во англискиот јазик, а едноставно гласи дека „синџирот е силен колку и најслабата алка“, како што го опишал во 1786 година.

Ракометот е тимска игра и не е коректно да се бараат поединци, било како виновници, било како позаслужни, но токму во тој тимски мозаик некогаш „лежи“ надмудрувањето. Чесите имаа расположен голман, па Мартин Галија со 14 интервенции неминовно се наметна во анализите. Од друга страна. статистиката вели дека во дуелот со Чешка, голманите на Македонија имале слаб учинок, при што Борко Ристевски одбранил 3 од 20 удари (15%) , а Никола Митревски има една одбрана од 11 удари (или 9%).

Во исто време, нашиот следен противник Австрија, доминира во статистиката на реализацијата, со 66 гола од 91 удар (73%), а нивните поединци како десниот бек Јанко Божовиќ со 14 гола од 23 шута и средниот бек Микола Билик со 21 погодок од 28 удари се издвојуваат по две одиграни кола на ова ЕП. Божовиќ има скор од 12 гола при 19 обиди од 9 метри, додека Билик е до него со 13 од 18!

Сето ова става акцент на одбраната и најавува уште еден битен меч за нашите голмани. На СП во Катар 2015 ги победивме со 36:31.Секој може да има лош ден, но се чини дека нашиот штотуку помина!

Александар Табаковски

martin galija vs kire lazarov

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни