Поврзете се со нас

Репрезентација

Коментар: Червар е минато! Киро за селектор или селектор за Киро?

Објавено

на

Заминувањето на Червар недвосмислено ја отвора дилемата за нов селектор на ракометната репрезентација во пресрет на квалификациите за ЕП 2018 година. На 4 мај во Скопје играме со Исланд, а потоа со истата репрезентација играме реванш на 7 мај, по што следи гостување кај Украина на 14 јуни и домашен натпревар со Чешка на 17 јуни.

Рокот е кус, што не може да биде покус, бидејќи токму мајскиот двомеч со Исланд може да биде пресуден за нашите шанси да се најдеме на континенталниот собир. Оттука, тешко дека кој и да седне на жешката клупа, би имал и време и храброст веднаш да стартува со нешто ново и неиспробано. Години наназад, наш најистурен поединец е капитенот Кирил Лазаров, кој и на мундијалот во Франција финишираше како најдобар стрелец. Нашата игра се базира на него и како реализатор, но во последниот случај и како креатор кој ги разигруваше и пикерите и крилата кога игравме „7 на 6“. Стојанче Стоилов и Никола Марковски одиграа животни партии во таквиот систем на игра, но тоа ја компромитираше нашата одбрана со примање на дузина лесни голови.

Лазаров има амбиции да продолжи со врвни настапи иако му претстои трансфер од Барселона во Нант, но големите јунаци се познаваат во тешките ситуации. Македонија можеби во другите спортови има имиња кои станувале европски клубски шампиони како Панчев и Наумоски во екс-Ју, Антиќ и Пандев во ерата на независна Македонија, но во ракометот засега го имаме само Кире Лазаров. Дај Боже листата да се шири и да се радуваме на нови успеси, но во овој момент Лазаров е клучниот човек откако Червар ја остави на цедило Ракометната федерација на Македонија и условите кои таа ги создава за нашиот најуспешен спорт да граби напред. Во спортот не е непознат моделот капитенот да биде и предводник на тимот, меѓу последните такви пример беше и оној со Рајан Гигс на кормилото на Манчестер Јунајтед. Доколку сериозноста на ситуацијата во квалификациите не дозволува таков експеримент, тогаш е сигурно дека Лазаров ќе биде меѓу првите консултирани при изборот на селекторот и многу е веројатно РФМ да го послуша неговиот совет доколку се двоуми меѓу некои имиња.

Не толку одамна, кога патуваа на големи натпреварувања, ракометарите вообичаено се наоѓаа на ударните страници на медиумите поради погрешни причини како долготрајни патувања со автобус или со нискобуџетни авионски компании. Во ерата на Мукаетов такви афери нема, па дури и Лазаров кога актуелниот претседател во Гдањск најави поднесување оставка, рече дека ќе размисли дали може да ги оствари своите амбиции без него. Оттука, не гледам на Лазаров како на „сива еминенција“ туку како партнер на РФМ во наоѓањето на решение, било да е привремено или трајно, бидејќи на крајот од денот и тој треба да ја сноси одговорноста, не само пред себе за сопствените амбиции, туку и пред колегите од репрезентацијата. Сигурен сум дека и најголем дел од нив знаат, но подобро е и јавноста да знае „од каде дува ветерот“, без оглед дали по изборот на селектор ќе се дискутира системот за игра, давањето или недавањето пасоши, враќањето на Борко во репрезентацјата или поголемата минутажа за Талески …

Лазаров е капитен, лидер и авторитет, кој и да не е директно инволвиран во некоја одлука, индиректно ги ги има конците в рака од позадина, па кој и да дојде на местото селектор не може да го смени и загрози. Оттука, шансата да се испроба и како селектор ја сметам за легитимна, сега или во иднина, ќе процени самиот тој. Најважно е да имаме добра атмосфера, наместо поделби на вакви и онакви, емоционални исцрени или со купени пасоши. Ракометот е тимска игра и таму победува тимот во кој што нема слаби алки.

Александар Табаковски

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни