Кои македонски пливачи имаат норма за ЕП во Копенхаген?

start 50 fly skopje 2017

Викендов се одржа традиционалниот пливачки митинг „13 ноември“ кој бидејќи се одржува на 25-метарски базен во СЦБТ претставува одлична подготовка за континенталниот собир што ќе се одржи во Копенхаген од 13 до 18 декември.

Нормите за учество се пропишани од федерацијата, за разлика од случаите кога станува збор за светско првенство или олимписки игри, па така досега само неколку пливачи ги имаат постигнато потребните резултати:

– Ана Јаневска на 100 метри слободно има испливано македонски рекорд 58,22 кој што е три десетинки подобар од нормата. На митингот во Скопје таа исплива 59,01 концентрирајќи се на другите дисциплини каде што треба да постигне норма, односно 50 метарските трки во пеперутка и слободно. На 50 метри пеперутка таа постави нов апсолутен рекорд на Македонија со време 28,61 кој што според таблицата на ФИНА вреди 618 бода, но сепак нормата е 28,24. Уште поблиску е на 50 метри слободно, каде што нормата е 26,84 додека нејзиниот најдобар резултат е 26,90 испливан на ланскиот митинг во Скопје (викендов пливаше 27,31, резултат вреден 616 бода според ФИНА). Јаневска ќе има шанса да се доближи до нормите на претстојниот митинг за 14 дена во Зрењанин, иако де факто рокот за исполнување на нормите е до 20 ноември.

ana-janevska-skopje-2016

– Љупчо Ангеловски уште со настапите на ланското светско првенство во Виндзор успеа да ги верифицира нормите на 50 метри слободно и 50 метри пеперутка, особено што во двата наврати имаше државен рекорд. На 50 метри слободно тој го урна 25 години стариот рекорд на Александар Маленко пливајќи време од 23,43 кое по само десетина минути беше подобрено во настапот на Марко Блажевски. Со резултатот 24,69 е освоена нормата на 50 метри пеперутка, но поради повредата која го оддалечи Ангеловски од пливањето оваа пролет, тој на овој митинг само се доближи до својот најдобар резултат пливајќи 25,31 (638 по ФИНА), додека на 50 слободно пливаше 23,76 (619 по ФИНА). Најдобар сигнал околу враќањето на формата е резултатот на 100 метри слободно од 52,34 (632 по ФИНА), кој е негов најдобар личен резултат на оваа делница. И тој како Јаневска се подготвува за митингот во Зрењанин, каде што иако во полн тренинг, ќе се обиде да ги подобри сегашните резултати.

ljupco angelovski do ivan lendjer skopje 2017

– Анастасија Богдановски и Марко Блажевски се двајцата наши претставници во светот на пливањето кои студираат во САД, а воедно и се натпреваруваат таму. Обајцата минатата сезона имаа испливани македонски рекорди за кои „Дерби“ пишуваше, но за жал недоволно други информации околу актуелните подготовки за ЕП во Копенхаген. Претходно, Марко Блажевски не учествуваше ниту на СП во Будимпешта.

anastasija bogdanovski 2017

Пливачката федерација на Македонија сега минува низ фаза на реорганизација откако беше востановено дека претходното раководство не работело согласно прописите и не доставувало финансиски извештаи, ниту организирало годишни собранија. Претседателот за далечинско пливање, Александар Маленко, кој воедно ја извршува функцијата Претседател на УО во ПФМ, ќе го предводи враќањето на ПФМ на вистинскиот колосек, а со тоа веројатно ќе биде инволвиран и во организација на настапот на македонските пливачи во Копенхаген.

Facebook Коментари