Поврзете се со нас

Светски првенства

Клинсман и Дел Пјеро со стручна анализа за шокот во Дуизбург: Сите комплименти за Македонија! (Видео)

Објавено

на

Германската јавност не единствената која се обидува да извлече заклучоци по болниот пораз од Македонија на домашен терен, прв во квалификациски циклус за „панцирите“ по пауза од цели 20 години.

По Англија во 2001-ва година, се чекаа цели две децении на првот пораз на Германија во едни мундо-квалификации, а истиот го испорачаа Игор Ангеловски и фудбалерите од најдобриот македонски тим, подвиг кој ни донесе и една стручна анализа од Јирген Клинсман и легендарниот Алесандро Дел Пјеро во разговорот за „ЕСПН“.

Клинсман како поранешен селектор на Германија соработуваше со Лев и му беше негов надреден, а иако нагласи дека има простор за реакција, не пропушти да им честита на македонските фудбалери за ефикасноста која ја имаа во Дуизбург.

– Првите два натпревари во квалификациите ги одиграа одлично, односот беше добар, креираа доста шанси за гол. Против Романија пропуштија чисти шанси и стана јасно дека имаат проблеми со реализацијата, а против Македонија доживеаја голем удар. Ова не е прифатливо, но се случува во фудбалот. Има многу работа за тимот, ги чекаат тешки подготовките за Европско првенство. Квалитетот не е доволен, мора да имате одлучност, да бидете агресивни, а тоа недостасуваше. Беа доста опуштени, пропуштаа шанси и мислеа дека ќе имат нова прилика за гол.

– После тоа следи казна, а мора да и се оддадат сите комплименти на Македонија за тоа што го направија. Тие ги казнија и навистина заслужија да победат. Добро е што немаше фанови на стадионот, замислете какви ќе беа свирежите по поразот од Македонија. После ваков пораз, ве уверувам дека ниту еден играч на Германија утре нема да излезе од дома – изјави Клинсман во својата анализа за „ЕСПН“, во која му се надоврза и легендарниот Дел Пјеро.

– Јирген објасни се добро за тоа што се случи на мечот, Германците ја напуштија својата комфорна зона. Сепак, честитки за Македонците, тие го направија тоа, тие заслужија да победат, тие им се спротивставија на вистински начин. Секако дека ова е огромно разочарување за Германија, – порача Дел Пјеро.

Реклама
Реклама
Реклама

Популарни