Шах
Кирил Георгиев е првиот шампион во блиц-шах

Македонскиот репрезентативец, Кирил Георгиев, ги освои сите почести на првиот интернет турнир организиран како првенство во блиц-шах, каде што се играше со темпо од три минути за играч и додавање 2 секунди за секој потег.
Овој турнир беше комплетно поддржан од Шаховската федерација на Македонија која обезбеди награден фонд од 60 илјади денари, откако на собранието на почетокот од оваа година беше усвоена иницијативата за организација на блиц и рапид шампионати. За овој период од годината беше предвидено одигрувањето на Затвореното првенство на Македонија, но овој турнир е одложен на неодредено време, па овој турнир ја пополни празнината.
– Поради ситуацијата со коронавирусот и неможноста да се организираат класични турнири, го преземавме овој чекор со организација на првиот шампионат во блиц преку интернет. Одушевен сум од одзивот на шахистите кои ги имаше 128 на број, со што се покажа дека оваа форма на шаховската игра е ценета и добредојдена за поклониците на древната игра во Македонија,- изјави за „Дерби“ претседателот на ШФМ, Благоја Богоевски.
Кирил Георгиев претходно го освои и турнирот „Алкалоид Опен“ во декември 2019 година што се играше со рапид темпо. На овој турнир се играа 15 кола, а велемајсторот не дозволи изненадување и со 11 победи и 4 нерешени го освои првото место, освојувајќи вкупно 13 поени. На делба од второто до четвртото место беа тројца шахисти, но подобри според тај брејк правилата беа ИМ Филип Панчевски и ИМ Никола Николовски, обајцата со 11 победи и едно реми, кои ги освоија медалите пред велемајсторот Драган Јаќимовиќ (10 победи и 3 реми). Со 10,5 поени на петтата позиција сам е ИМ Тони Лазов, а по него следи поголема група играчи со 10 бода, предводени од велемајсторите Звонко Станојоски и Роландо Кутиров.
Објавениот пласман се смета за неофицијален, се додека не биде потврдена валидноста на партиите од страна на стручните служби, во соработка со интернет порталот „Chess.com“ чија што платформа беше користена при организацијата, заради евентуално детектирање на сомнителните партии со посебен софтвер наменет за вакви пригоди.
– За жал се уште не се знае кога ќе биде дозволено одржувањето на класичните турнири. Очекуваме соодветни протоколи од Министерството за здравство, па најверојатно ќе почнеме со првиот натпревар, кој ќе биде во екипна конкуренција, а тоа е одигрување на втората лига, како вовед во Екипното првенство на Македонија. Одржувањето на другите планирани турнири ќе биде на дневен ред потоа, откако ќе ги согледаме и искуствата од соседството каде што се најавени повеќе турнири во текот на летниот период,- дополни Богоевски.
Доколку условите дозволат, мечевите од Втората лига ќе започнат со одигрување на 3 јули, а ШФМ ќе обезбеди сместување за половина од играчите на секоја екипа.
-
Лига на шампиони13 часа
Ван Бастен зазема страна: Не сум фан на Реал, ниту на Атлетико, но… (Фото)
-
Свет24 часа
Роналдо со гол број 928, Ал Наср со победа пред своите гледачи (ВИДЕО)
-
Свет12 часа
Нејмар ќе почека за камбек во националниот тим, неговото место му припадна на играч на Реал
-
Италија9 часа
Виери го објасни својот избор за финале во ЛШ: Не сакам да му правам малери на Интер
-
Англија23 часа
Џонсон со изненадувачки премиерлигашки предизвик за Мурињо: Никогаш не се знае…
-
Англија14 часа
Сатон го истипува со точен резултат новото премиерлигашко коло и финалето на Лига Купот
-
Германија22 часа
Неверојатно, ама вистинито: Домаќините се радуваат на триумф во Бундеслигата по 19 натпревари (ВИДЕО)
-
Шпанија10 часа
Ривалдо за ѕвезда на Атлетико: Тој би бил идеално засилување за Барселона