Кире Лазаров најави отворање на седум ракометни школи

kire lazarov kamp 003

Во предвечерјето на затворањето на третиот по ред летен ракометен камп што е во организација на капитенот на македонската репрезентација, Кирил Лазаров, лиферувана е информацијата за отворање на ракометни школи.

Според Лазаров, главната идеја е да се овозможи квалитетна работа со младите таленти во текот на целата година, а не само 7 или 14 дена за време на распустот.

– Овој ракометен камп се организира трета година. Ги надминавме нашите очекувања, како по квалитет, така и по бројност. Сакам да му заблагодарам на стручниот тим, тренерскиот кадар што овозможува квалитетна работа, но во исто време се грижат сето тоа да биде и забавно и децата да бидат задоволни. Оваа година се повеќе од 300 деца, а од година во година расте бројот на девојчињата, како и на странските гости. Се надеваме дека нагорната линија во македонскиот ракомет ќе остане со таков тренд благодарение на овие деца.

kire lazarov kamp 002

Во врска со новата организација, Лазаров појасни дека тоа се всушност седум школи со кои досега имале соработка, а сега ќе се ребрендираат.

– Одговорноста за ова што планираме да го правиме е голема. Ќе бидеме стрпливи, нема да ветуваме многу. Според мене, најнеопходно е да создадеме добар стручен кадар, да овозможиме работа 365 дена во годината, а не само 7 или 14. По година или две, да се издвојат ракометни селекции од нашите школи, кои ќе бидат дел од националните селекции. Не сакаме да се споредуваме со никој, сакаме да соработуваме со сите други ракометни школи. Нема да биде лесно да се координаат повеќе места во Македонија, воопшто не се залажуваме. Ние во наше време немавме вакви кампови, па сепак станавме европски и светски играчи. Некои повеќе тренираат, некои помалку, но сега можат да се стекнат со квалитетно знаење за спортот и да се изградат во иднина како професионални играчи. Запишувањата се предвидени да стартуваат од први септември, а местата ќе бидат лимитирани согласно терминот што е на располагање за тренинг,- најави Лазаров кој вети дека ќе го надгледува целиот проект.

Локациите што првично ќе бидат опфатени со овие седум школи се Свети Николе, Скопје, Охрид, Струга, Валандово, Богданци и Стојаково.

– Самиот интерес на децата, но и на родителите, да продолжат со континунуирана квалитетна работа, доведоа до овие седум школи. Овие школи нема да бидат само за ракомет, туку за комплетна едукација на еден спортист,- дополни Горан Ѓоргоноски од агенцијата „КМГ спорт“ која стои зад проектите на Лазаров.

kire lazarov kamp 0001

Facebook Коментари