Кин и Мурињо со идентичен заклучок за шампионската трка во Премиер лигата по виденото на „Енфилд“

liver-siti

Жозе Мурињо и Рој Кин одново беа специјални гости во експертското студио на „Скај Спортс“, а овојпат, нивна главна задача беше да ги коментираа случувањата на најголемото англиско дерби во овој момент, односно пресметката меѓу Ливерпул и Манчестер Сити.

Големата пресметка на „Енфилд Роуд“ заврши со победа на Ливерпул од 3:1, а иако играчите и навивачите на Сити имаа повод за неколку жалби по крајот на мечот, Рој Кин и Жозе Мурињо нагласија дека актуелниот првак не смее да се потпира на одредени инциденти на теренот, кога се губи вака важен натпревар.

По триумфот од 3:1, Кин и Мурињо дадоа идентичен заклучок за битката за титулата во Премиер лигата, посочувајќи дека шампионското прашање е веќе „завршена работа“.

– Ливерпул е во одлична форма. Јас не сум човек кој се обложува и кој сака да го прави тоа, но мислам дека е готово. Нема да биде лесно, ако беше лесно, секој ќе ја освоеше титулата во Премиер лигата. Ќе биде тешко, но овој Ливерпул изгледа како тим кој едвај го чека наредниот меч. Играат добро веќе две или три години, начинот на кој играат стана фантастичен. Наспроти се, изгледаат како состав кој е многу фит, а со оглед на квалитетот кој го поседуваат, сега имаат огромна шанса за титулата која за мене е решена, – изјави Кин, на што се надоврза и Жозе.

– Од моја гледна точка, мислам дека е готово. Само нешто драматично може да го промени ова, некоја повреда која ќе го скрши тимот. Но, искрено, мислам дека овој тим на Ливерпул има комплетен мозаик. Начинот на кој ги оставија Салах и Мане да дадат така лесни голови, докажува дека сложувалката е комплетна, овој тим е комплетен и добро се познава. Сити е способен да победи и на девет меча во низа, но не гледам како Ливерпул ќе ја загуби оваа предност, – додаде Мурињо.

Facebook Коментари