Кеирош дрско му одговори на Карвахал и додаде: Ако имаше ВАР пред 8 години, Шпанија немаше да биде шампион!

keiros-spanija

Дани Карвахал не го криеше незадоволството од предефанзивниот пристап на Иран и јавно порача дека тактиката на селекторот Карлос Кеирош не е фудбал, но искусниот португалски стручњак брзо доби шанса да му возврати на шпанскиот репрезентативец при прес-конференцијата.

Селекторот на Иран доста дрско му возврати на десниот бек, и му порача да не се буни за прекршоците и прекините на играта бидејќи тој и неговите соиграчи од Реал Мадрид направија доста полоша работа во финалето во Лигата на шампионите.

– Би му порачал на Карвахал да не ги критикува играчите на Иран, нека погледне малку на тоа што правеа неговите соиграчи во финалето во Лигата на шампионите. Нека се потсети што му направија на Египѓанецот (мислејќи на Салах), – порачал Кеирош кој во идентичен тон продолжил и додал дека Шпанија немала да биде светски шампион во 2010 година ако ВАР бил инволвиран во фудбалот пред осум години.

Кеирош се наврати на осминафиналниот дуел меѓу Шпанија и Португалија на мундијалот во Јужна Африка, натпревар кој беше решен со гол на Давид Вилја, погодок за кој подоцна се воспостави дека е постигнат од мал офсајд.

– Ако ВАР беше дел од мундијалот во Јужна Африка, Шпанија ќе беше надвор и немаше да стане шампион. Тука имаше офсајд кој и помогна на Шпанија, а осум години претходно немаше таква правда за голот на Вилја кој ја елиминираше Португалија. Го кажувам ова зошто сметам дека ВАР пристигна малку доцна во фудбалот. Се борев цели 20 години ВАР да дојде во фудбалот, па боли кога се потсетувам на такви работи, – додал Португалецот.

Facebook Коментари