Карачиќ откри што им кажал газда Сергеј на играчите пред седум години на „Кале“: Мислевме дека е луд!

karacic-trofej

Игор Карачиќ за жал новата сезона ќе ја стартува како играч на Кјелце, клуб кој навреме успеа да ја искористи турбулентната состојба во Вардар за да ги осигура услугите на еден од најдобрите светски ракометари во овој момент.

Карачиќ беше вистински лидер на шампионскиот тим на Вардар кој изминатава сезона направи подвиг за паметење, но иако веќе е насочен кон случувањата во новата средина, Хрватот во ексклузивното интервју кое го направи за полскиот портал „Спортски факти“ се наврати на еден незаборавен момент од „Кале“ од пред седум години.

Хрватот откри со каква порака им дошол газда Сергеј во соблекувалната непосредно откако го презема клубот, но ако во тој момент изгледала само како една убава бајка, седум години подоцна реалноста вели нешто друго.

– Кога ни рече дека сака да ја освои Лигата на шампионите, мислевме дека не знае што зборува, мислевме дека е луд. Кога јас дојдов во клубот, Вардар не беше ниту најдобар тим во Македонија. Металург беше шампион, а Сергеј дојде во соблекувалната и ни рече: Ќе ја освоиме Лигата на шампионите, и тоа повеќе од еднаш. Сакам да имам тим како Барселона. После ова, ние играчите се погледнавме еден со друг и многумина се воздржаа да не се насмеат. Седум и пол години подоцна, неговиот план е успешен. Тоа е неверојатно, – вели Карачиќ кој обелоденува и детали од најтешката сезона во која Вардар стигна по вторпат до европскиот трон.

– Пред да започне минатата сезона, ситуацијата во Вардар беше навистина лоша. Јас, Тимур Дибиров и Столе Стоилов имавме состанок за да се договриме за судбината на клубот. Решивме дека ќе му веруваме на Сергеј Самсоненко. Потоа во соблекувалната разговаравме и со другите играчи. Побаравме и од нив да се изјаснат. На следниот тренинг сите одговорија дека остануваат. Си замина само Вуко Борозан, но во продолжение од сезоната и поради сосема други причини. Си ветивме дека ќе докажеме дека не е се во парите. Се останато е историја, – завршува Хрватот.

Facebook Коментари