Поврзете се со нас

Шпанија

Кањизарес распали без влакна на јазикот по газдата на Валенсија: Политичарите и банките му се поклонија заедно со Тебас

Објавено

на

Валенсија пред две децении важеше за најдобар шпански клуб и тим кој сееше страв и трепет кога играше на „Месталја“, но реалноста денеска вели дека симпатичните „лилјаци“ не можат да го победат и најлошиот тим во Ла Лига.

Во директното „дерби на дното“ кое се одигра вчеравечер во Шпанија, Валенсија на домашен терен беше поразена од Лас Палмас со резултат 2:3, па така сега тимот на Рубен Бараха го презема фенерот од „канаринците“ и е последен на првенствената табела.

Слобoдниот пад на Валенсија трае веќе неколку години и ситуацијата во клубот изгледа навистина сложена, најмногу поради фактот што клубот има сопственик кој не се појавил на „Месталја“ цели пет години, а кој упорно ги одбива сите понуди за продавање на своите акции.

Питер Лим раководи со клубот од Сингапур и познатиот милијардер си поигрува со трпението на навивачите на Валенсија од сезона во сезона, но ситуацијата полека ескалира и после мирните протести кои траат три години, вчера за првпат мораше да реагира и полицијата по крајот на натпреварот на „Месталја“.

Валенсија е последна во моментов и дефинитивно ќе води грчевита борба за опстанок до крајот на сезоната, а лошото раководење на клубот и катастрофалниот спортски проект сега го натера Сантијаго Кањизарес да распали по сингапурскиот тајкун без влакна на јазикот.

– Питер Лим е неспособен и арогантен, веќе пет години не дава никакви објаснувања, се нема појавено во Валенсија и нема никаква емпатија кон клубот. Валенсија веќе ја загуби својата репутација како клуб, сега останува да видиме дали ќе опстане во Прва лига. Управувањето на клубот е страшно лошо, а уште полошо е тоа што е поддржано од луѓе како Хавиер Тебас, првиот човек на Ла Лига.

– И покрај очигледната штета која му ја прави на клубот, тој добива поддршка од Тебас за да остане во Шпанија. Истото важи и за политичарите и банките. Му дозволија да продолжи со градбата на новиот стадион, иако не ги исполнува условите за тоа. Банките му дадоа уште два заеми, и тоа со помош на политичарите. Банките и политичарите му се поклонија на Лим заедно со Тебас.

– Не знам дали продажбата е вистинско решение, бидејќи може да дојде сличен како Лим. Сепак, мислам дека е невозможно да дојде полош од него. Болеста во клубот е од сериозни размери и веќе има огромни метастази. Време е властите во државата и претседателот на Ла Лига да го притиснат да си замине. Го осудувам работењето на Лим од првиот ден, а тогаш ме гледаа како поранешен мадридист и дека ја гризам раката која ме ранела. Валенсија ќе биде во слободен пад се додека овој човек не си замине, – потенцира Кањизарес во обраќањето за „Марка“.

Легендарниот шпански голман својата играчка кариера ја започна во Реал Мадрид, но најславните денови ги доживеа на „Месталја“ каде прерасна во вистинска легенда на Валенсија во периодот од 1998 до 2008-ма година, ера во која освои две титули во Ла Лига, една во УЕФА Купот, а беше дел и од две финалиња во Лигата на шампиони.

Advertisement
Advertisement

Италија

Advertisement

Популарни