Каевски: Не смееме да ги уништиме олимписките соништа на младите спортисти

kaevski pop acev 2017

Многу нешта беа напишани минатиов месец, почнувајќи од јавниот апел на Томи Стефановски за спас на традиционалниот „Охридски маратон“, се до неговото конечно одржување изминатиов викенд.

Конечно, јавноста може да здивне, но не и Агенцијата за млади и спорт која оваа година беше меѓу спасителите, па новиот директор Дарко Каевски веќе е запознаен со потребите на организацијата која веќе од денес треба да почне за идното издание на маратонот.

ДЕРБИ: Медиумите алармираа дека традиционалниот „Охридски маратон“ беше загрозен и не беше можно пливачите да се пријават на веб страната на ФИНА, но сепак оваа епизода имаше среќен крај. Колку тоа се должи на залагањето на АМС?
– Охридскиот пливачки маратон заврши успешно. Сведоци бевме на потешкотии при неговото организирање, но како Агенција за млади и спорт решивме да одвоиме повеќе средства оваа година, со цел да не се загрози одржувањето на овој традиционален и реномиран спортски настан. По тоа што го видов на лице место, бидејќи викендов бев присутен во Охрид, сметам дека има простор за уште поголем напредок и од организациски, но и од квалитативен аспект. Поддршката од Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) е огромна и значајна. Исто така постојат и голем врој на професионални спортисти – пливачи кои помагаат како индивидуи. Во оваа прилика сакам да го издвојам нашиот успешен пливач, Александар Маленко кој и оваа година со својот труд, знаења и работа придонесе да го организираме маратонот.

ДЕРБИ: Голем број од проблемите произлегоа од неактивноста на федерацијата што требаше да го организира маратонот, а претходно се посрамоти и со лошата организација на Летното државно првенство?
– Во наредниот период ќе сакаме да ја зацврстуваме соработката со Пливачката федерација на Македонија, која за жал има неактивен статус. Сметаме дека пливањето треба дополнително да се помага, но мора да имаме добро организирана и активна Пливачка федерација. Затоа ги повикувам сите кои сакаат да помогнат, имаат знаења за пливањето како спорт да се активираат. Не смееме да ги повторуваме грешките од минатото. Викендов ми пријдоа голем број на луѓе чии деца имаат афинитети/симпатии кон пливањето, а немаат услови за тренинг. Имаме 3 природни езера чии капацитети не ги користиме. Инвестирањето и одржувањети на затворените базени е исто така значајно, со цел младите таленти да тренираат и во зимскиот период. Потребна е поголема популаризација на пливањето и благодарен сум што Вашиот портал одвојува простор за овој спорт. Се надевам дека оваа практика ќе продолжи и понатаму. Охридскиот маратон заврши, но не смееме да застанеме. Немаме право да го уништиме сонот на многу млади таленти кои се гледаат во олимписките базени, рамо до рамо со најдобрите.

ДЕРБИ: Една недела претходно, во Охрид се одржа и инаугуралното издание на таканаречениот Олимписки маратон, то ест трка на 10 километри, која во иднина може да ја донесе елитата од Светскиот куп, за што ќе мора да понудат сериозни организаторски гаранции?
– Целта е Охридскиот пливачки маратон на 10 километри да стане дел од квалификационите маратони за Летните Олимписки игри. Позитивната реакција од Меѓународната пливачка федерација (ФИНА) е најзначајна, но треба да го задржиме континуитетот, а тоа е можно само со дополнителна активност од сите чинители во пливањето. Затоа, како што напоменав погоре, важно е активирањето на Пливачката федерација на Македонија, само така ќе бидеме и организациски поспремни и ќе го привлечеме вниманието на пливачката елита. Агенцијата за млади и спорт е подготвена да помогне и овој маратон да влезе во мапата на квалификациски маратони за ЛОИ.

kaevski malenko ohrid 2017

Facebook Коментари