Каевски и Маленко ги испратија младите пливачи на ЕП во Копенхаген

plivaci ams kaevski malenko

Четири македонски пливачи ќе учествуваат на Европското првенство во мали базени што ќе се одржи во Копенхаген, Данска, од 13 до 19 декември оваа година, а денеска и беа претставени на јавноста на прес конференција во Агенцијата за млади и спорт.

Ана Јаневска, Љупчо Ангеловски, Миа Крстева и Давор Петровски ќе ги бранат боите на Македонија во најелитното пливачко натпреварување на Стариот континент.

– Горд сум што можам да кажам дека 4 наши пливачи ќе учествуваат на ова Европско првенство во пливање. Уверен и убеден сум дека достоинствено ќе ги бранат боите на Македонија. Можам да констатирам дека во минатиот период пливањето се соочуваше со една тешка ситуација за која сум убеден дека во иднина ќе се реши и се надевам дека ќе има големи промени во пливањето и дека пливањето ќе блесне во оној сјај во кој што треба да биде,- изјави Дарко Каевски, директор на АМС. – Се надевам дека пливањето ќе биде една од најуспешните приказни во периодот кој следи. Воедно, тоа ни е еден од топ приоритетите во однос на работењето на Агенцијата за млади и спорт во кои ќе ни биде и градењето на базени. Проект кој ќе се случи во текот на 2018-та и 2019-та година. Како дополнување на тоа ќе имаме и програма која ќе ги следи сите оние подготовки и припреми на нашите пливачи со цел што е можно подобар пласман и освојување на норма за учество на олимпијадата во Токио во 2020-та година. Им посакувам многу успех и многу среќа и достоинствено да ги одбранат боите на Република Македонија.

Легендата на македонското пливање, Александар Маленко, во улога на нов предводник на Пливачката федерација на Македонија, најави почеток на професионализмот во овој спорт.

– Благодарност до Агенцијата која што направи напор и најде разбирање да ја прифати заедничката програма која ќе биде еден почеток на светлата иднина на пливањето во Македонија. Јас како претседател на Пливачката федерација на Република Македонија сум горд и сигурен во четирите пливачи и нивните тренери дека покрај сѐ ќе нѐ претстават достојно, пред сѐ и самите себе, и ќе испливаат најдобри резултати. Нека биде ова еден почеток на пливачкиот професионализам,- изјави Маленко.

Одговарајќи на новинарското прашање за настап на другите македонски пливачи како Марко Блажевски и Анастасија Богдановски, Александар Маленко посочи дека не е испочитувана процедурата со пријавување на испливаните резултати преку официјални записници и уште еднаш ја потенцираше потребата од професионализам на секое ниво.

На ЛЕН Европското првенство во пливање на 25 метарски базени, кое ќе се одржи од 13-ти до 17-ти декември во Кралската Арена во Копенхаген, најавено е учество на 700 пливачи од 45 држави.

Facebook Коментари