Јовиќ: Ќе го победевме Монпелје ако имавме…

jovic

Македонскиот вицешампион Металург иако одигра со срце и се бореше до самиот крај, меѓутоа не успеа да го изненади фаворитот Монпелје на средбата во СЦ „Борис Трајковски“.

Едноставно пресуди квалитетот и искуството на составот од Франција кој според тренерот Александар Јовиќ не заслужува да игра во оваа Д група туку во најсилните А  и Б. Воедно тренерот на „металурзите“ верува и дека неговиот тим ќе можел да го земе скалпот на Монпелје ако на располгање имал уште двајца ракометари.

-Монпелје е тим што заслужува да игра во А или Б група, има поголем квалитет од другите тимови во нашата група и ова е нивна заслужена победа. За нас победа би била можна со уште два играчи во ротација и кога не би правеле толку грешки. Им честитам на гостите, за нас овој пораз е данок на неискуството. Сакаме да играме подобро од натпревар во натпревар. Имавме две лоши изданија на домашен терен со Бешикташ и Чеховски медведи, да одиме постојано на подобро. Време е да размислуваме за засилување со два до три играчи, бидејќи вака очигледно не може. Имаме млади играчи, плус од кадетскиот тим Танковски добива минутажа, додека Серафимов се уште е млад за ваква екипа, -рече Јовиќ.

На пресот по средбата зборуваше и бекот Халил Јагањац кој порача:

-Ние дадовме се од себе и тоа е единствен начин за да се носиме со кој било тим. За победа над ваков тим, треба да се игра соврешен натпревар. Се обидовме да се бориме, на крајот снемавме сила во последните 5 минути. Резултатот на крајот не е реален, мислам дека добро се носевме во најголемиот дел од натпреварот.

Facebook Коментари